Ексклузивно: Луксузниот бренд Елена Лука го носи својот гламур во Њујорк!

7 август 2019

Десетгодишниот јубилеј означува една нова ера за етаблираниот моден бренд Елена Лука и македонската мода воопшто!

Елена Лука припаѓа на елитната глобална модна сцена, а тоа го докажа и со нејзиниот последен и исклучително значаeн проект „World of Elena Luka" со кој го пласира својот луксузен дизајн во ексклузивните светски модни метрополи, неслучајно стартувајќи со Њујорк (градот што никогаш не спие, живее за забава, за мода, за гламур, градот во кој жената владее)!

Авангардата има обврска да води напред исчекорувајќи над стандардите, а Елена Лука умешно одговара на таа своја функција како авангарден моден бренд, веќе години наназад, вклучително и со својот нов интернационален проект што е од вонсериско ексклузивно значење за комплетната домашна модна индустрија.

Во соработка со луксузната концептуaлна и онлајн продавница, „Dreems", Елена Лука непосредно го презентира својот уникатен дизајнерски производ во една од најзначајните светски модни метрополи, Њујорк! Реакциите на тимот на „Dreems" се воодушевувачки и од таму пристигнуваат коментари со кои потенцираат дека се фасцинирани од уникатната естетика на нашиот бренд, што ветува долгорочна и успешна соработка.

Новата луксузна колекција на Елена Лука, „NYC", ќе биде презентирана во друштво на други светски, етаблирани брендови, пред интернационалната публика во Њујорк, преку свој шоурум во рамките на концептуалната продавница „Dreems". Истовремено, отмените дизајнерски парчиња од новата линија на Елена Лука се достапни и во онлајн продажба, преку онлајн продавницата на dreems.nyc, но и преку сопствената е-продавница.

г-ѓа Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на Елена Лука

„Неслучајно се одлучив токму за Њујорк – градот што живее за мода, за гламур, градот во кој жената владее. Токму ова беше и инспирација за „NYC" колекцијата за претстојната сезона – ноќниот живот на градот со целиот свој гламур и екстравагантност. Елена Лука Ве носи во еден времеплов, за да го потсети Њујорк на сексапилот на жената во минатото. Можам да Ви ветам вистински гламур, софистицираност и изглед кој остава без здив", вели г-ѓа Елена Пандева, амбициозната дама која стои зад Елена Лука како сопственик и генерален менаџер.

Лоцирана во најелитниот моден кварт во Њујорк, што важи и за најлуксузна шопинг дестинација, Soho – Менхетн, концептуалната продавница „Dreems" е во непосредна близина на ексклузивни продавници на брендови од рангот на „Шанел" и „Балман". Во такво опкружување, од оваа сезона, достапни во продажба се и гламурозните дизајни на македонскиот моден бренд Елена Лука.

„Горди сме што со проектот „World of Elena Luka", нашиот моден бренд ја потенцира и зацврстува позицијата на македонската мода на светската модна мапа, носејќи го домашниот дизајн во зенитот на светските модни случувања!", вели г-ѓа Пандева.

„NYC" - Колекција есен-зима 2019/20

Луксуз, ексклузивен дизајн, уметност, гламур, исклучително квалитетна изработка – го создаваат идентитетот на етаблираниот македонски моден бренд Елена Лука. Фасцинантниот профил на брендот совршено се вклопува во глобалната слика на светската модна сцена и со сите свои обележја оваа ексклузивна модна куќа припаѓа на модната елита.

Токму во тој контекст е и новата колекција на Елена Лука, наменета за сезоната есен-зима 2019/20, насловена „NYC", инспирирана токму од ноќнот живот на Њујорк со целиот негов гламур и луксуз.
Ако се вратите неколку децении наназад ќе видите дека овој град е нешто безвременско, крал на забавите што сите го препознаваме по една диско ера – гламурот на ноќните клубови меѓу кои и легендарниот „Студио 54". Најголемите светски диви Дајана Рос, Фара Фосет, Лајза Минели, Тина Тарнер, Феј Данавеј, Марго Хемингвеј, Иман, Жаклин Кенеди Оназис, Брук Шилдс итн... ја диктирале светската мода токму од модниот центар Њујорк. Низ историјата можете да најдете фотографии од модната треска која се случувала таму, блескави сатени и свили, нагласени раменици, неонски бои, светки, кратки гламурозни фустани и раскошни кроеви. Токму таа жена од диско ерата во Њујорк, е инспирација за оваа колекција.

Создадена за дами со изострена стилска перцепција, кои ја препознаваат уметноста на модниот дизајн, ова е луксузна модна линија која ќе одговори и на највисоките критериуми.

Креирана со цел да го потенцира идентитетот на модерната и храбра жена, која бескомпромисно верува во себе, оваа колекција идеално одговара на потребите на современите хероини.

Во нејзината есенција е мулаж техниката, што ја користат само вистинските мајстори на модната уметност. Оваа техника ја дефинира линијата на колекцијата во чиј дизајн се користи висококвалитетен италијански сатен, ексклузивен и единствен по својата естетика и сјај. Ќе ја препознаете и играта со волумен и со форми, преку различно дефинирани композиции со фалти, што ѝ даваат дополнителна артистична содржина на колекцијата.

Женствена и истовремено сексапилна, оваа колекција на Елена Лука содржи луксузни различни парчиња: од асиметрични здолништа, јакни, елегантни панталони, до мини, миди и макси фустани што вибрираат во духот на Њујорк од неговата диско ера.

Моќна како и жената за која е наменета...

 

 

Објавено:
7 август 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.373 пати