Елена Лука е Супербренд за 2013/2014

11 декември 2014

Вчеравечер во просториите на Сити Хол се одржа свечена церемонија на која беа доделени престижните титули Супербрендс за 2013/2014 на македонските Супербрендови.

Свеченото доделување на дипломите, го заокружи третиот по ред избор на македонски супербрендови, што започна со селекцијата на стручното жири уште во почетокот на 2013 година.

Повеќе од 1000 домашни и меѓународни брендови, распоредени во 27 категории, се наоѓаа на списокот на финалисти кој е издготвен во соработка со водечките маркетиншки и агенции за испитување на пазарот.

„За најдобрите се гласаше врз основа на квалитет, сигурност, препознатливост и емотивна приврзаност, а во процес на одбирање, покрај стручното жири, учествуваа и преку 8.000 потрошувачи“, вели менаџерот Зоран Саздовски, еден од главните организатори на настанот.

Помеѓу 30-те најдобри македонски брендови според селекцијата на Супербрендс, единствениот моден бренд што се закити со престижната титула беше модната куќа Елена Лука.

„Секој задоволен клиент е признание за нашиот успех и секоја насмевка на луѓето со кои работиме, независно дали се наши клиенти или соработници, е главен мотиватор и стимуланс на нашиот прогрес. Меѓутоа, секако и формалните признанија се значаен показател до каде сме стигнале или со други зборови репер за нашата професионална динамика“, вели Елена Пандева, генерален менаџер на Елена Лука.

 

Оваа година, модната куќа работеше атктивно за што сведочат и големиот број реализирани проекти, ревијалните колекции како и новата Бизнис колекција, сценските костимографии, интернационалните соработки, но и хуманитарните настани кои се дел од моралната и социјална одговорност на модната куќа чие водечко мото е „Модерни и хумани“.

 

„Искрено ми е многу драго, што според интернационалната организација која ги доделува признанијата за Супербрендс сме ги задоволиле највисоките критериуми и сме ја заслужиле привилегијата пред името на Елена Лука да стои предзнак-Супербренд. Можеби освен што е дополнителна мотивација, истовремено е и дополнителен предизвик не само да го одржуваме нивото кое сме го постигнале, туку постојано да се надоградуваме и усовршуваме, зашто сепак да си Супербренд не е само убав епитет, туку и голема одговорност“, потенцира Елена Пандева.

 

На свеченото доделување беше претставено и новото издание на Супербренд  публикацијата, која за прв пат ги претставува најдобрите брендови од Адриатик регионот. Публикацијата ги опишува најразличните брендинг студии за Супербрендовите кои учествуваат во програмата.

Организацијата Супербренд е присутна во 88 земји во светот, а во 2009 година започна со работа и во Македонија. Како организација која се темели на идентификација и именување на исклучителни пазарни марки, Супербрендс го анализира остварувањето на одредени пазарни марки и ги препознава оние кои остваруваат повеќе од својата конкуренција па ги наградува со високо признатиот Супербренд статус. Со дваесет годишното постоење Супербрендс стана претпознатлив  како мерило за успех на една пазарна марка.

Влатко Стефановски Супербренд 2013/2014

 

 

Објавено:
11 декември 2014
Категорија: 
Актуел