Елки вредни два милиони долари

28 ноември 2016

Гинза Танака е името на дизајнерката на накит и сопственичка на истоимениот бренд, која во овој дел од годината е во центарот на вниманието, но не поради вредните парчиња накит, туку поради златните елки што ги рушат сите рекорди.

Елката што ја направи од жици од чисто злато во нејзиниот бутик во Токио, сега е ставена на продажба. Елката е тешка 19 килограми, а направена е од повеќе од речиси 2.000 метри златна едномилиметарска жица.

-Жицата се прави од најфиното и најчисто злато. Елката е дел од нашата понуда, а нејзината цена изнесува речиси два милиони долари (1.8 милиони) – вели менаџерот на брендот Такахиро Ито.

Иако е свесен за вредноста на елката, сепак за него таа претставува нешто повеќе:

-Се надеваме дека таа ќе биде вистински пример за јапонскиот квалитет, беспрекорна, педантна јапонска уметност, за која сакаме да слушне целиот свет. Сакаме сите да ја видат нашата неверојатна техника и умештво, во комбинација со сјајната убавина на златото – смета Ито.

Тој додава дека ова уникатно златно „дрво“ е направено со цел да се одбележат 90 години од постоењето на продавницата, како и за ширење на божиќниот дух.

Но, ова не е првпат Танака да создаде ваква елка.

Лани таа создаде новогодишна елка висока 2.4 метри и тешка 12 килограми. Изработена е со златки плочки и околу 60 златни украси во форма на срце, украсени дополнително со панделки.

Инаку, оваа дизајнерка во своето портфолио ја има и изработката на златен коњ од 24 –каратно злато, како специјална порачка за новородениот јапонски принц во 2006 година. Вредноста на таа изработка е проценета на 850.000 долари.

Но, ако мислите дека ова е бизарно, тогаш веројатно не сте слушнале за елката од 2010 годинаво Абу Даби во вредност од повеќе 11 милиони долари.

Елката висока 13 метри беше позиционирана во лобито на еден луксузен хотел во Абу Даби, а за нејзината голема вредност придонесоа украсите – панделките од сребро и злато, топки од истите метали, но и дијамантски ѓердани, обетки, како и накит од кристали, чија вредност се проценува на 11.5 милиони долари.

-Елката содржи 181 дијамант, бисери, смарагди, сафири и други скапоцени камења. Хотелот има за цел да ги контактира луѓето од „Гинис“ да го забележат ова дрво, поради што истото ќе стои до крајот на годината – изјавија тогаш од менаџерскиот тим на хотелот.

Објавено:
28 ноември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
386 пати