Fashionel: Прославивме една успешна година, продолжуваме со нови модни приказни!

30 април 2014

Пред една година со голем ентузијазам започнавме да ја реализираме идејата за основање на медиумска модна платформа која пред се паралелно ќе го следи чекорот на развој на македонската модна сцена и ќе ја афирмира преку своите содржини, но истовремено и ќе го пренесе искуството од глобалниот моден свет пред домашната публика.

Една година подоцна, Fashionel го профилираше својот идентитет како препознатлив моден онлајн магазин со своја бројна публика и со голем број соработници меѓу кои модни инсајдери како од домашната така и од светската модна сцена.

Дел од тимот на Fashionel

По тој повод вчеравечер симболично го прославивме нашиот прв роденден во Станица 26 во присуство на драги пријатели, соработници, професионалци од модната фела и вљубеници во модата.

-Изминативе 12 месеци беа исклучително значајни за нас како тим кој пред се несебично професионално се вложи и безрезервно работеше на градењето на профилот на Fashionel и создавањето на основата врз која со сигурност ќе се градат уште многу оригинални идеи и ќе се расплетуваат уште многу модни приказни - ги поздрави гостите уредникот на порталот, Марија Мечева.

Своите впечатоци околу работењето на порталот во изминатава година ги сподели и Елена Лука.

-Тимот на Fashionel  мислам дека ги има единствените новинарки во државата што не се промовираат себеси како „fashion“  девојки,  туку имаат приоритет да го промовираат македонскиот дизајн и дизајнери или  генерално  се борат за афирмацијата  на македонската мода. Навистина, за една година направија толку голем напредок што мислам дека други за многу години тоа не можеа да го постигнат. Горда сум многу на тој моден портал и горда сум многу на одличниот тим на Fashionel и секако посакувам само успеси и понатаму - изјави Елена Лука која од самиот зачеток на онлајн магазинот несебично го подржува.

Елена Лука Елена Лука

Во однос на нејзината визија за иднината на порталот таа додава:

-Во иднина порталот го гледам во голем развој, зашто сметам дека првата година е најтешка за развивање на самата модна платформа, затоа што практично и тој е единствениот  специјализиран моден онлајн медиум  каде не е едноставно да се обработуваат теми на едно вакво поднебје за првпат во Македонија, но мислам дека таа бариера веќе е надмината, дека табуата се искршија и дека Fashionel  нуди богата и квалитетна содржина што го прави порталот многу интересен и пред се едукативен.

Според Елена Лука како читател, Fashionel е секогаш инспиративен и го задржува вниманието на секој кој се интересира за модата.

-Од медиумски аспект Fashionel е некаков репер кој постави стандарди, а и сите луѓе што се инволвирани во модата не може да пласираат паушални теми за мода, затоа што веќе има коректор на тоа што се зборува, така што дефинитивно сметам дека се поставија стандарди. Сите содржини ми се особено интересни и ми е навистина жал што не стасувам да прочитам се, меѓутоа секогаш  наоѓам време во текот на денот да седнам и да прелистам  што е сработено.

Меѓу присутните гости беа и почитувани имиња од македоснката културна сфера и секако, од домашната модна сцена.

Стојна Костовска и Драгана Левенска се претставнички на две значајни генерации на македонски актерки, а со кои претходно Fashionel соработуваше за исклучително суштински интервјуа, ги споделуваја импресиите:

-Со оглед на тоа што ова е прв роденден на Fashionel, морам да кажам дека атмосферата е прекрасна. Многу сум возбудена што еве на моја возраст заедно со сопругот можам да се дружам со многу помлад свет. Сите знаеме која е Елена Лука и што може да направи и колку е успешна во тоа. Јас морам да и честитам и на неа, а и на вас и да ви посакам да доживете уште многу родендени заедно со неа.  Вие имате свој стил. Прво тргнувајќи од вас, девојките што работите во модниот портал. Вие сите сте многу шармантни, непосредни и многу природни пред се. Сето тоа се гледа, човекот забележува и не може да остане рамнодушен. Мојата порака до вас е работа, работа и само работа. Продолжете вака, прекрасни сте! - изјави Костовска за Fashionel.

Младата актерка Драгана Левенска-Кала додава:

-Многу се радувам што сум вечерва тука, јас всушност и почнав со Fashionel. Моето прво интервју беше во Fashionel. Редовно ве следам и го обожавам вашиот сајт. Ви посакувам уште толку многу успеси и сѐ повеќе мода за девојки и жени.

На забавата секако присуствуваа и дел од македонски модни дизајнери со кои Fashionel соработува во континуитет.

-Fashionel посветено работи. Јас постојано го следам вашиот портал, а има квалитетни содржини кои што остануваат запаметени и можам да кажам дека очекувам да продолжите со вакво темпо и квалитет. Среќен роденден и бидете и понатаму така посебни и уникатни какви што бевте до сега -  изјави Олгица Ѓоргиева.

Олгица Георгиева Олгица Георгиева

Етаблираната дизајнерка Лидија Георгиева од аспект на читател секојдневно пронаоѓа интересни содржини на Fashionel.

-Морам да признаам дека имаше неколку квалитетни содржини, сега јас малку и од себични причини ќе кажам дека многу ми се допадна анализата која што беше направена за иднината на студентите во модните училишта, како се работи кај нас и што ги очекува кога ќе излезат од таму. Тоа беше одлична анализа. На дневно ниво, секогаш има по некоја интересна содржина - вели Лидија.

Лидија Георгиева Лидија Георгиева

Стилистката со долгогодишно искуство и автор на модната ТВ емисија Стилисимо, Цаци Паковска посака убави роденденски желби упатени до тимот на Fashionel.

- Генерално, често ве следам. Ако не секој ден, секој втор сигурно. Ми се допаѓа тоа што ги следите сите настани и секогаш сѐ можам да најдам кај вас и знам дека ги следите. Честопати покажувате и посебен имиџ и лични ставови околу модата во однос на конкретна тема што ми се допаѓа. Сметам дека она што сега го имате е доволно, токму тоа е она што е потребно, светска мода, најнови случувања, улична мода, така што мислам дека треба да продолжите во тој правец. Продолжите понатаму во ист стил, ви посакувам да доживеете 100 години Fashionel - изјави Паковска.

Цаци Паковска

Помеѓу соработниците на Fashionel е и Маркетинг и ПР агенцијата „Ханибиз“ чија главна менаџерка Љупка Наумовска во континуитет приватно и професионално ја следи содржината на Fashionel. Таа интервјуата ги издвојува како посебно омилен аспект од концептот на Fashionel, а во однос на тоа што почесто сака да чита додаде:

-Можеби малку повеќе да се пишува за модните навики и случувања на луѓето кои што не се во модата. Стрит стајл од други градови, или модни трендови и слично.

Младиот и перспективен моден дизајнер Виктор Цветановски, дел од тимот на Моден викенд Скопје, првата помисла на Fashionel го асоцира на интересни содржини од светот на модата:

-Пред сѐ, ми се допаѓа тоа што се појавивте некако одеднаш и направивте бум! Се појавуваат многу сајтови за мода, едноставно вие работите со интензитет, редовни сте и многу ми се допаѓате. Продолжете со исто темпо и останете на врвот, порача Виктор.

Виктор Цветановски

Манекенките Маја Ристевска и Дунавка Трифуновска уживаа во опуштениот амбиент за роденденската забава.

- Многу сум среќна дека сето она што го читам во италијанските и светските списанија, можам да го најдам и на Fashionel. Многу ми се допаѓа што имате и англиска верзија, тоа е најдоброто нешто што можеше да ви се случи бидејќи вака сите ќе знаат дека Македонија има со што да се пофали. Сакам Fashionel да стане балкански бренд, а потоа и европски. Јас секогаш сакам да бидам поразлична од другите, а Fashionel го прави токму тоа - да бидеме различни од останатите. Ви посакувам да имате континуитет пред сѐ - искрено коментираше Дунавка.

Дунавка Трифуновска

-Fashionel секогаш ми се допаѓа поради тоа што секогаш имате нешто ново, секогаш сте иновативни, забавни и има што да се прочита кај вас. Продолежете како и досега, бидејќи она што го правите е одлично, мислам дека ништо не ми недостасува. Останете супер, се најдобро и да славите заедно со нас уште многу, многу години - посака роденденска желба за Fashionel, Маја.

Маја Ристевска

Познатиот стилист Сергеј Варошлија кој сам по себе е дефиниција за неконвецнионален индивидуален имиџ упати порака до читателите на Fashionel секогаш да бидат оригинални и свои.

- Ви честитам на упорноста, на ентузијазмот и пред се на визијата што ја поседува тимот. Порака до читателите – да не копираат, да го пронајдат стилот што го имаат во себе, да научат да бидат свои. Можам да го посочам Fashionel како еден посериозен медиум за мода, по што и стана препознатлив, што ги следи случувањата од домашната и странска модна сцена -  изјави Сергеј.

Сергеј Варошлија Сергеј Варошлија

На сите искрени желби кои ги упатија нашите соработници се придружуваме и ние со голема амбиција да се гледаме на уште многу родендени кои ќе заокружуваат успешен континуитет во работата на Fashionel.

Наскоро следува и видео материјал преку кој ќе биде пренесен комплетниот амбиент од роденденската прослава за симболичниот прв роденден на fashionel.

Објавено:
30 април 2014
Категорија: 
Актуел