Фестивалот на цвеќето го обои Скопје во најубавите бои!

17 мај 2014

Градскиот парк денеска беше вистинско место за уживање. Токму таму, на едно место се собраа некои од најдобрите македонски производители и одгледувачи на можеби најпозитивната споредна работа на светот – цвеќето!

Фестивалот на цвеќето во организација на „Паркови и зеленило“ и главниот спонзор Градот Скопје, започна денеска во 10 часот со цветно дефиле во кое учествуваа околу 500 дечиња, а кое тргна од плоштадот Македонија и продолжи кон Градскиот парк.

Цветниот фестивал се одржа во просторот наспроти „Паркот на милениците“ кој што беше поделен во три зони: во првата, посетителите уживаа во креативните работилници, втората беше зона за промоција на познати цвеќари и фирми, а во третата пак, граѓаните имаа можност супер да се забавуваат.

Во креативната зона, студентите од Технолошко – металуршкиот факултет изработуваа прекрасни креации од цвеќе, што се чини предизвикаа огромен интерес кај младите девојки. Во нивна придружба, беше и професорката, македонската дизајнерка Лидија Георгиева која вели дека целата идеја околу Фестивалот на цвеќето многу и се допаѓа и се надева дека истиот ќе прерасне во традиција.

Токму денеска, таа ја најави и ревијата на студентите од нејзиниот Факултет која што ќе се одржи на 19 -ти јуни во рамки на прославата на 55 – годишнината од постоењето.

„Моделот што е изложен тука денеска, е дел од ревијата што ќе се одржи на 19 - ти јуни по повод 55 години роденден на Технолошко-металуршкиот факултет. Годинешната тема е „Земјата планета мајка“, а тоа значи дека студентите ќе ги третираат елементите: земја, вода, воздух и оган, метал и дрво. Дел од нив одбраа да го третираат цвеќето и затоа тие студенти и ги донесовме овде за да бидат дел и од овој настан. На тема цвеќе, имавме повеќе работи - освен овие дизајни кои што се изложени во моментов, се изработуваат и други модни додатоци за ревијата. Венчињата ќе бидат дел од ревијата, но гледам луѓе што се интересираат да си купат за себе лично уште денеска. Ние како факултет, се претставуваме со модни додатоци и веќе се презентираат првите модели од ревијата што претстои“, вели Георгиева за Fashionel.mk.

Градскиот парк денеска беше претворен во вистинска рајска градина. Неверојатни аранжмани од цвеќе, меѓу другите, можеа да се најдат и на штандот на „Грин Планет“ кои што како и другите, го поздравија овој голем настан за нив.

„Ни се допадна идејата за фестивалот, затоа што досега навистина немало ваква можност, освен на саем да ги изложиме производите. Овде сме дојдени да се дружиме, да ги запознаеме присутните со сѐ што увезуваме, бидејќи имаме навистина голем асортиман на производи. Новитет ни е вертикалната градина, спој од различни саксии на самополевање со кои што луѓето не се запознаени. Тоа е многу корисна техника, со која што луѓето ќе можат да престанат рачно да ги полеваат цвеќињата. Посетителите највеќе се сконцентрирани на саксиското цвеќе и декоративните саксии. Се надевам дека ќе се подигне свеста на луѓето за да ја негуваат малку повеќе културата на цвеќето. Кај нас владее некое мислење дека цвеќето е прескапо, но мислам дека сè уште може да се најде такво за сечиј џеб со соодветна цена. Мислам дека ова е екстра начин за промоција на самите компании, нешто што прв пат се одржува кај нас. Организаторите навистина се потрудиле како за прв пат да направат нешто повеќе од тоа што и ние очекувавме, сепак е на отворено и нема што да се надеваме на нешто повеќе. Мислам дека следната година планираат Фестивалот да прерасне во меѓународен, и тоа ќе биде можеби уште поинтересно за купувачите, но и за нас изложувачите“, вели Теодора Велевска, вработена во компанијата.

Мислењето со Теодора го дели и Петковски Зоран, директор на компанијата „Китка“ која има 17 – годишна традиција како семејна фирма – производител на цвеќе.

„Се надевам дека настанот во иднина ќе биде уште помасовен и истиот ќе прерасне во традиција. Терминот е одличен, средината на мај е одлично време за вакво дружење. Денеска сме тука да ги промовираме нашите производи, конретно, балканските видови на цвеќе кои што можат да егзистираат и дома и на балконите. Сметам дека настанот е одличен и дека дури може да се организира и два пати во годината, еднаш и наесен, бидејќи имаме и многу убави есенски култури“, порачува Зоран.

Една од организаторките на настанот, Александра Минчева Лукиќ вели дека примарната цел на овој настан е да се поттикне свеста на граѓаните кон природата и да се афирмира цвеќето во општествените сегменти.

„Компаниите веднаш прифатија да бидат дел од оваа манифестација, сметам дека им беше предизвик, но беше предизвик и за нас самите затоа што ова е прва година и за нас. Затоа и не поканивме голем број изложувачи – денеска има вкупно 11 компании. Секаде каде што се обративме, сите ја прифатија идејата и се вложија максимум во организацијата. Задоволна сум од досегашниот одѕив, навистина сѐ помина во најдобар можен ред, без некакви поголеми или помали пречки, организациски се поклопи сѐ што требаше. Планираме овој фестивал да добие своја традиција и да добие интернационален карактер. Ова е одличен начин не само за промоција на компаниите што изработуваат вистинска „уметност“ од цвеќето, туку и за афирмација на цвеќето“, вели Александра.

Истовремено, во „Паркот за миленици“, Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје во соработка со градот Скопје го организираше вториот собир „Денови на вашето милениче – 2014“.

Наставниот кадар од Универзитетската ветеринарна болница вршеше бесплатен преглед на здравственета состојба на миленичињата, бесплатна дехелминтизација, ултразвучни прегледи и совети за грижа на миленици.

Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина Дине Митров, вели дека една од целите на самиот настан е да се привлече што поголем број на миленици и нивни сопственици.

„По втор пат организираме ваква дружба, значи веќе традиционално кон средината на месец мај. Една од целите е да привлечеме што поголем број на миленици, односно сопственици на миленици. Нашата главна идеја е промоција на факултетот и претстојните уписи за средношколците. Денеска се вршат и бесплатни прегледи на миленичињата, се вакцинираат и секако, на овој начин се обидуваме да придонесеме за градот. Со оглед на временските услови, генерално сум задоволен од денешниот одѕив и повеќе од очекуваното. Македонија е земја која што има луѓе кои што имаат, чуваат и сакаат домашни миленици“, вели професор доктор Дине Митров за Fashionel.

Во продолжение, уживајте во фотографиите што денеска ги направивме само за ваше задоволство!

Објавено:
17 мај 2014
Категорија: 
Актуел