Фондацијата Елена Лука им дава шанса на младите луѓе и самохраните мајки

2 февруари 2016

Сите ние имаме соништа. И секој од нас има право да го оствари својот сон.

Различни околности честопати ќе нè разочараат и демотивираат и можеби никогаш нема да ја добиеме нашата заслужена шанса, но целото искуство што сме го стекнале со упорноста да дојдеме до неа, ни отвора нови прозорци кон нови соништа.

Пред осум години, Елена Лука ја започна својата мисија под мотото „Модерни и хумани", токму со оваа идеја: да се создаваат и остваруваат соништа. И оваа мисија е бесконечна исто како што е бесконечна искрената насмевка на детето или спомените на старецот. Но, секогаш вреди да се почне...

Сега Елена Лука преку својата фондација им ја нуди токму таа шанса на луѓе од различни загрозени социјални категории.

Фондацијата започна да функционира како сублимат на долгогодишното искуство и потребата да им се помогне на оние луѓе кои имаат најголема потреба во решавањето на нивните животни и егзистенцијални проблеми.

Целта е да се придонесе кон општеството во кое граѓаните делуваат заеднички во насока на решавање на личните и општествените проблеми на социјален, економски, образовен и духовен план и е посветена на унапредување на условите за квалитетен раст и развој на децата и младите, унапредување на социо-економската положба на жените и младите и спречување на сите форми на родово базирано насилство.

Во програмата на фондацијата веќе се наведени и конкретни проекти со прецизирани категории на луѓе што ќе може да ги користат бенефициите, а суштинско е тоа што главниот фокус е на децата и младите, зашто вложувањето во нивниот развој на секое ниво, значи подобра иднина за целокупното општество, но исто така вклучени се и младите жени и самохрани мајки кои ќе имаат можност да започнат свој бизнис или професионално да се надоградат.

Преку проектот „Планирај ја својата иднина" кој ќе започне во март годинава и ќе трае до јуни наредната година, фондацијата Елена Лука ќе додели 10 стипендии на девојчиња и млади девојки од 5-те рурални средини: Чашка, Шуто Оризари, Могила, Центар Жупа, Лозово, со цел квалитетен раст и развој на децата и младите во нашата земја и на тој начин ќе обезбедат еднакви можности за образование и напредок.

Со проектот „Економско зајакнување на самохрани мајки" преку техничка поддршка и обуки во времетраење од 5 месеци, ќе се поддржат пет самохрани мајки, од целните општини: Велес, Струмица, Битола, Ресен, Тетово да започнат бизнис или да го прошират веќе постоечкиот преку финансиска поддршка од 100.000 денари по лице за набавка на техничка опрема, материјали за работа или обезбедување обуки.

Фондацијата Елена Лука преку проектот „Економско зајакнување на млади девојки и жени" со времетраење од 5 месеци ќе вклучи пет млади девојки и жени од територијата на Скопје во вокациски обуки (обуки за дизајнери, обуки за моделари, обуки за шивачи, обуки за рачна работа) во модната куќа Елена Лука во траење од три месеци со цел рамноправно учество на жените и младите на пазарот на труд и воопшто намалување на невработеноста кај жените и девојките и унапредување на нивниот социо – економскиот статус. На тој начин ќе се зголеми јавната свест за потребата од специфична поддршка на жените и младите за вклучување на пазарот на трудот.

Четвртиот проект „Превенција на родово базирано насилство кај младите"преку обуки за род и родова рамноправност, за антидискриминација и за родово базирано насилство со времетраење од 12 месеци ќе им помогне на младите да го разберат значењето на родовата рамноправност во општеството, значењето на недискриминацијата и проблемот на родово базираното насилство.

Со овие проекти фондацијата ја започнува својата долгорочна мисија, нашето општество да се подобри во секој аспект, секој да ја добие својата шанса, а воедно и да се подигне свеста кај луѓето за емпатија кон другиот.

Сите проекти почнуваат со реализација од март оваа година.
Заинтересираните лица може да се информираат на:
+389 71 207 090
+389 71 207 400
contact@foundationelenaluka.org
www.foundationelenaluka.org

 

Објавено:
2 февруари 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.226 пати