Фондацијата Елена Лука им ги додели наградите на талентираните средношколци

3 февруари 2017

Денеска тимот на Фондацијата Елена Лука имаше неформална средба со тројцата средношколци чии скици беа селектирани како најуспешни на Конкурсот за изработка на скица за дизајн на матурска креација што како комплетни модели ќе бидат реализирани во модната куќа Елена Лука и ќе им бидат донирани на три матурантки кои се наоѓаат во состојба на социјална потреба.

На талентираните средношколци, г-ѓа Елена Пандева, основач на фондацијата, им додели сертификати и машини за шиење како дополнителен стимул да вложуваат во својот талент и својот сон.
Тимот на Фондацијата, од бројните пристигнати скици на Конкурсот, имаше сериозна обврска да ги селектира оние скици кои се издвојуваа со инвентивноста, идејата и мотивот на креацијата, посветеното внимание на деталите, а се разбира и умешноста за цртање.

Тројцата наградени средношколци се: Христијан Младеновски (ученик во четврта година во СОУ Перо Наков, Куманово), Дефне Еминовска (ученичка во втора година во СУГС Гимназија Никола Карев, Скопје) и Зунка Атанасова (ученичка во трета година во СОУ Никола Карев, Струмица).

Ја прашавме г-ѓа Елена Пандева како дојде до идејата и иницијативата за овој конкурс.

-Како модна куќа, секогаш ги следиме младите генерации што работат во нашата фела. Овој пат дојдовме на идеја да видиме како размислуваат средношколците од 15-18-годишна возраст, како ја развиваат својата креативност во делот на модниот дизајн, во кој правец размислуваат, од што се инспирираат... Така, одлучивме да отвориме конкурс во кој ќе учествуваат млади луѓе од Македонија, а притоа не мора да се од училишта за уметност или дизајн. Целта ни беше да можат да учествуваат сите што ги привлекува работата со дизајн. Мотивот што го имавме заедно со идејата е да можеме да им помогнеме во развивањето на талентот, да ја следиме нивната едукација, за понатаму да израснат во здрави дизајнери... Сакавме да им помогнеме на младите на кои тоа навистина им е потребно, а притоа да придонесеме за развојот на македонската модна сцена во Македонија – изјави Елена Пандева, основач на модната куќа и фондацијата „Елена Лука".

Таа потенцира дека за време на конкурсот пристигнале голем број скици и да се одберат неколку најдобри, воопшто не бил едноставен процес.

-Имаше неверојатен одзив. Не се сомневав во креативноста на младите, но позитивно се изненадив од бројот на апликанти. Пристигнаа неверојатни скици и композиции, некои и уметнички, децата навистина се потрудиле да изгледа тоа професионално. Имаше различни модели, замисли, секој модел имаше комплетен опис на моделот во однос на тоа како е замислена изработката. Ми беше битно креацијата да биде заокружена како композиција и да има логика врзувањето на материјалот со тоа што е претставено на скицата, но да има и печат на тој што ја замислил. Имаше и зрели креации, разработени и надградени, што навистина ме радува. На крај направивме селекција, а апликантите на најдобрите три симболично ги наградивме со машини за шиење - вели Пандева.

Поради големата конкуренција тимот одлучил на уште петмина да им бидат доделени признанија, со што ќе им се даде мотив и поттик за понатамошна работа.

-Им се заблагодарувам на сите што учествуваа и сакам да потенцирам дека сите апликанти се навистина талентирани и имаат огромен потенцијал. Со нетрпение очекувам да видам како ќе се развиваат понатаму. Поради големиот интерес и потенцијал придонесоа за одлуката овој конкурс понатаму повторно да го обновиме – вели Пандева.

На средбата со тројцата наградени, таа имаше можност да поразговара со нив за инспирацијата и замислата за понатамошната разработка на моделите, кои потоа ќе бидат донирани на три матурантки.

-Знаеја да го објаснат, еден од нив дури и веќе сам изработува накит. Тие живеат со тоа, и нивниот талент зборува преку цртежите. Одбравме три типа модели што ќе одразуваат различен сензибилитет на девојки - матурантки. Гледав да бидат различни по конструкција и изведба. Ова е значајно за нив, бидејќи ќе влезе во нивното портфолио и од хуман аспект. Со помош на тимот на модната куќа „Елена Лука", креациите ќе бидат реализирани, ќе се водиме од нивната замисла, ќе им помогнеме со материјал и доработка, а потоа ќе ги донираме во некоја од институциите каде тоа ќе биде потребно – објасни Елена.

На крајот додаде дека таа лично, како и тимот на оваа иницијатива ќе го следи нивниот развој и понатаму и вратите на оваа куќа ќе им бидат отворени за што и да им треба.

На неформалната средба средношколците покрај признанието и наградата, добија и совети и голема поддршка од г-ѓа Пандева која остави и простор за заедничка соработка со модната куќа Елена Лука.

Ги прашавме талентираните средношколци, што ги мотивирало при изработката на скиците...

„Идејата и инспирацијата за изработка на оваа скица ми беше периодот романика, кога преовладувале раскошни фустани богати со везови и златна боја. Целата конструкција на овој модел ја замислувам изработена од тул со соодветна основа и акцентот е ставен на деталите, како металниот колан, комбинација на циркони во две бои, како и ланчиња и крстови што се изработени од циркони што се имитација на кристали", ни изјави Христијан, кој исто така веќе подолго време сам изработува и модни додатоци.

Скица на Христијан Младеновски

„За Конкурсот за изработка на скица за дизајн на матурска креација се информирав во моето училиште, и тоа ме поттикна повеќе да се заинтересирам за модниот дизајн и изработкана на модна скица. Конкретно за мојата скица се инспирирав од елеганцијата на жената, и сакав да создадам фустан што ќе ја истакне женственоста. Па затоа моделот го замислувам изработен од нежни и лелеави материјали, украсен со нежни кристални конструкции", вели талентираната Дефне.

Скица на Дефне Еминовска

„Навистина бев мотивирана кога во моето училиште пристигна конкурсот од реномираната модна куќа Елена Лука, односно нејзината фондација и тоа беше поттик да почнам да размислувам каква креација јас би носела на мојата матурска вечер. Токму тоа беше и инспирацијата што ме водеше при дизајнот на скицата", ни изјави Зунка.

Скица на Зунка Атанасова

Наградените средношколци на денешната средба имаа можност и да го посетат и секторот за производство и салонот на модната куќа Елена Лука, каде директно се запознаа со процесот на изработка на една уникатна дизајнерска креација, од идеја до реализација.

 

Објавено:
3 февруари 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.354 пати