Генијалната реакција на Икеа за „копијата“ на Баленсијага

26 април 2017

Изминатиов период на Интернет се зборува за новата чанта на брендот „Баленсијага“, која неодоливо потсетува на сите добро познатата торба од „Икеа“.

Не само што се слични во формата и дизајнот, туку и во бојата. Разликата е што француската модна куќа ја направи од кожа и што чини 2.145 долари, за разлика од верзијата на „Икеа“ од 99 центи.

На социјалните мрежи се појавија бројни духовити коментари на оваа тема, но по сè изгледа најдуховит и најкреативен е оној на „Икеа“. Многумина очекуваа коментар и од „Баленсијага“, како и од шведската компанија.

И додека францускиот бренд сè уште молчи, од „Икеа“, (на инсистирање на нивниот партнер, агенцијата „Акне“), одговорија во форма на реклама и тоа во експресен рок.

„Како да ја идентификувате оригиналната „Икеа Фракта“ чанта:

1.Тресете ја. Ако шушка, тогаш се работи за вистинската.

2.Мултифункционална. Во неа можете да носите и хокеј опрема, цигли, дури и вода.

3.Фрлете ја во прашина. Вистинската „Фракта“ кога е нечиста се чисти едноставно, со вода од црево од градината.

4.Преклопете ја. Дали можете да ја преклопите и здиплите во фрома на мала чанта? Ако одговорот е да, честитки.

5.Погледнете внатре. Оригиналната чанта има автентична „Икеа“ ознака.

6. Цена. Само 0.99 долари.“

 

Креативниот директор на „Акне“, Јохан Холмгрен за сајтот „AdFreak“ изјави дека рекламата ја осмислиле заедно и многу бргу.

-Сакав да реагираме брзо, затоа се јавив кај луѓето од креативниот тим на „Икеа“ и им ја предложив идејата, што многу им се допадна. Еден ден по лансирањето на чантата на „Баленсијага“ си реков „Ние имаме креативно решение за безмалку два часа“. Го контактиравме нашиот фотограф, Андрес Килберг и ја сликавме нашата торба во неговото студио, со истото осветлување и атмосфера како што тоа го направија од „Баленсијага“ за нивната. Истиот ден, завршената работа ја пративме до сите маркети – објаснува Холмгрен.

Од францускиот бренд сè уште не коментираат дали нивната торба е инспирирана од препознатливиот производ на „Икеа“, иако сите се согласуваат дека тешко е да се поверува дека не е така.

За Јохан, ваквиот чекор на „Баленсијага“ е неочекуван и брилијантен истовремено.

-Ми се допадна кокетирањето, па зошто да не возвратиме? И го направивме тоа – вели тој.

На крајот, од „Икеа“ додаваат: „Ние сме длабоко поласкани што чантата на „Баленсијага“ потсетува на одржливата торба на „Икеа“ од 99 центи. Ништо не е подобро од сестраноста на одличната, голема сина торба!“

Објавено:
26 април 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.802 пати