Големото (стилско) враќање на Марија Шарапова

30 август 2017

По 15-месечната суспензија, руската тенисерка Марија Шарапова триумфално се врати на тенискиот терен со победата над Романката Симона Халеп на Ју-Ес опен, пред 24.000 гледачи во Њујорк.

Фото извор: EPA

Очекувано, ова беше еден од најемотивните моменти во спортската кариера на Шарапова, по периодот од повеќе од една година суспензија поради допинг, период проследен со немилосрдниот суд на јавноста.

Фото Извор: AP

Она што нам ни остави силен впечаток, покрај нејзиното враќање во форма и големата победа, беше гламурот што таа го донесе на спортскиот терен. Нејзината тениска униформа може да ја коментираме како спортска верзија на високата мода и малиот црн фустан, резултат од соработката помеѓу етаблираниот дизајнер Рикардо Тиши и спортскиот бренд Најк. Не е честа појава во „белиот спорт" да гледаме униформа во чиј дизајн се имплементирани тантела и сваровски кристали. А спортската униформа на Шарапова ги вклучува и двете на црна основа. Изборот на боја воопшто не е случаен.

Фото извор: Vogue / Corey Tenold

Шарапова во 2006-та година го освои Ју-Ес опен во спортска униформа во црна варијанта, па околу изборот на боја воопшто немало двоумење, како што вели и самата за Вог:

-Сакам да се чувствувам елегантно кога излегувам на терен. Така се чувствував во фустанот кога во 2006-та го освоив Ју-Ес опен, а она што сакав да го постигнам облечена во тој спортски фустан е моментот на елеганција во стилот на Одри Хепберн и нејзиниот Живанши фустан.

Фото извор: Vogue / Corey Tenold

Уште еден впечатлив и невообичаен момент е тоа што оваа спортска опрема е заокружена со кратка бомбер јакна исто така декорирана со сваровски кристали.

Фото извор: Daily mail

„Блескавиот момент што таа го имаше во 2006-та година за мене беше иконски, па дизајнот на новата униформа беше во чест на тој нејзин изглед. Решивме да користиме тантела и кристали, што е карактеристично за мене како дизајнер, а исто така одбравме црна боја која е моја омилена, ја репрезентира мојата кариера, а исто така е боја која нејзе и донесе многу среќа. Па кога почнавме да разговаравме за овој проект, сè имаше смила", вели Тиши за соработката.

Објавено:
30 август 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
939 пати