Хајди Клум ја претстави својата колекција во маркет

11 септември 2017

Во рамки на актуелната модна недела во Њујорк, свое шоу имаше и германскиот модел Хајди Клум. Таа досега имаше неколку дизајнерски проекти, најчесто за долна облека, но ова е прв со облека за „обичните“ жени и достапни цени, под наслов „Esmara by Heidi Klum: Heidi & The City“

Она што посебно го привлече вниманието е начинот на презентација на колекцијата. Имено, за таа цел, Клум оствари соработка со маркетите „Лидл“. Тие помогнаа сцената да изгледа како нивен маркет.

Низ маркетот, односно на пистата беа презентирани околу 80-тина комбинации. Палта, панталони, блузи, здолништа, Хајди на овој начин се потруди да допре до сите жени, помагајќи им во секојдневниот живот да изгледаат дотерано и да им го олесни изборот на комбинации. Исто така, впечатлива е доминацијата на животинските принтови.

-За колекцијата се инспирирав од Њујорк. Ја нарекувам „урбана џунгла“. Со оглед на тоа дека леопардите и лавовите се дел од џунглите, сметав дека леопард принтот ќе биде одличен почеток за мојата прва колекција. Леопардот е впечатлив и силен таков каков што е. Тоа не нешто што никогаш нема да „излезе“ од мода, па токму затоа парчињата во тој принт изобилуваат. Комбинациите од колекцијата жените ќе можат да ги носат на работа или на состанок со саканиот. Шик се, не се скапи, а изгледаат така, и лесно се трансформираат од дневна во вечерна комбинација. Со оглед на годишното време, прилагодени се за овој преоден период – изјави моделот.

Колекцијата ќе биде пуштена во продажба од 18-ти септември, а достапна во преку 10.000 маркети во 28 земји, па ако сте во некоја од овие 28 земји, ете шанса да видите, а можеби и купите, некоја креација од познатиот модел.

Целото шоу можете да го видите ТУКА!

 

фото извор: fashionweekweb.com; journal.hr; people.com; thesun.co.uk;

Објавено:
11 септември 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
865 пати