Harper’s Bazaar ја соблече Шерон Стоун

15 август 2015

Септемврискиот број на Harper’s Bazaar  ќе биде жежок, особено ако судиме по фотографиите на Шерон Стоун. Таа за магзинот дава интервју во кое на некој начин ја раскажува својата животна приказна, а сето тоа проследено со нејзини голи фотографии. Од приложеното можеме да видиме дека 57-годишната актерка воопшто не потклекнува пред забот на времето.

Во разговорот, Шерон се потсетува на тоа како изгледа да соработуваш со најдобрите од индустријата, но и на тешките моменти во животот. Во 2001 година, актерата се соочи со здравствени проблеми, поточно со анеуризма и церебралното крварење кое траело девет дена. Од болница излегла неспособна да ги врши основните функции, да оди нормално, да чита...

Се сеќавам кога отидов на доктор, откако претходно дома изгубив свест и го прашав: „Умирам ли“, тој ми одговори дека крварам во мозокот. Му реков: „Треба да ѝ се јавам на мајка ми“, а тој ми потврди: „Да, би било добро, бидејќи наскоро можеби ќе ја изгубиш способноста за говор“

Две години биле потребни за нејзиното тело да ги апсорбира сите внатрешни крварења што ги имала.

-Се чувствувам како целата ДНК да ми е сменета. Мојот мозок не е на местото каде што бил, моето тело се смени, дури и алергиите на храна ми се поинакви. Ми беа потребни месеци за да ја повратам чувствителноста на левата нога и години за да ја повратам визијата за тоа што е нормлано функционирање. Станав повеќе емотивно интелигентна. Одлучив да работам напорно, за да ги отворам и другите делови од мојот мозок. Сега сум посилна. И можам да бидам болно директна. Тоа ги плаши луѓето, но тоа не е мој проблем.(се смее). Нешто во стилот: „Имав оштетување на мозок, па вие видете што ќе правите“.

Надминувајќи ја таа препрека, ја дочекува нова. После само неколку години, нејзиниот брак со новинарот Фил Бронштајн се распаѓа, а таа го губи старателството над нивниот посвоен син Роан, кој во тоа време има осум години.

Но, колку и да биле работите црни, Шерон продолжи да си ја работи работата, како дел од актерската екипа на Law&Order. 

Подготвувањето и резултатот од фото-сесијата, каде го прикажува своето голо тело, уште еднаш потсетија на сета нејзина заводливост, сексапил и природна убавина, кои всушност и ја лансираа во Холивуд. И покрај тоа што има 57-години, тимот на магазинот вели дека не била ни малку нервоза при снимањето на фотографиите.

Свесна за тоа дека перфекцијата е илузија на било која возраст, Стоун вели дека оваа фото-сесија за Harper’s Bazaar ѝ е далеку полесна од онаа за Playboy во младите денови:

-Свесна сум дека задникот ми изгледа како торба житарици (се смее), но не се трудам да бидам жена што ќе изгледа најдобро во целиот свет. Во одреден момент почнуваш да се прашуваш, што е всушност секси? Тоа не е само зголемувањето на твоите гради. Тоа е и твоето присуство, можноста да се забавуваш и да се сакаш себеси , за да можеш да ја сакаш и личноста што е со тебе. Но, во времето кога го снимав Basic Instinct, да мислев дека е секси да бидеш тоа што си, денес ќе имавме тешки денови - вели таа.

Исто така, потенцира и на потценувањето во филмската индустрија. „Ако си убава, тогаш не си добра актерка“ е стереотипот со кој често се соочувала и се борела да го докаже спротивното.

Сепак, денес важи за успешна актерка. И покрај сите потешкотии и предизвици, Шерон Стоун не ја изгуби смислата за хумор, а потврда за тоа е начинот на кој што го завршува разговорот за Harper's Bazaar. 

-Ако има некој возрасен, што после ова ќе сака да излезе со мене, нека се јави во Harper’s Bazaar!

Објавено:
15 август 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.004 пати