Хуманоста е секогаш ИН - Црвен Крст свечено им се заблагодари на хуманите срца

17 декември 2013

На вчерашното годишно собрание на Црвен Крст на град Скопје, покрај ретроспективата на активностите за годината која изминува и најавата за плановите за следната година, свечено беа доделени и благодарници на сите оние кои не ги заборавиле хуманите вредности и на некој начин, директно или индиректно, учествувале во хуманата мисија на оваа организација.

Изминатава година од повеќе аспекти беше успешна за организацијата, благодарение на континуираната активност на сите полиња на кои функционира.

„Идејата е преку нашата организаиција да излеземе во пресрет на потребите на заедницата и да креираме програми и проекти кои ќе ги покријат тие потреби. Постојано работиме на тоа да се ублажат страдањата на луѓето и да се подигне свеста за одреден проблем во заедницата“, ја објасни главната агенда секретарот на Црвен Крст, Сузана Тунева-Пауновска.

Во активностите за 2013 година посебно се издвојуваат оние во Центарот за стари лица кои ја анимираат популацијата од трета доба, Дневниот центар за дарување на крв каде во текот на шест месеци имаат остварено 1300 дарувања, а особено за пофалба е и Клубот на млади кој вклучува млади луѓе кои одлучиле своето слободно време да го посветат на хуманитарната организација и кои со своите активности им помогнале на многу семејства најчесто преку дарување на различни пакети со неопходни продукти, храна и облека.

Црвен Крст функционира благодарение на сите помагатели кои несебично вложуваат во неговата мисија. Меѓу нив, како пример за почит се издвојува и модната куќа Елена Лука која години наназад на различни начини успева да биде дел од истата.

„Посебно ми беше драго кога добивме повик на иницијатива на Елена Лука а биде дел од хуманитарните активности на Црвен Крст со донацијата на облека наменета за ранливо население. Таа облека ние ја складиравме, дел од истата е дистрибуирана, а останатиот дел ќе биде доставена во текот на овој период пред новогодишните празници. Бев изненадена дека сето тоа изгледаше прекрасно. Воочливо беше дека луѓето внимавале таа облека да биде убаво спакувана и сето тоа да замине во семејствата каде што има потреба, што зборува за една социјална одговорност“,  вели Тунева и додава дека е многу важно да се почитуваат овие примери за комплетен раст на општеството.

Елена Лука беше ден од помагателите на Црвен Крст на кои им беа доделени благодарници за социјалната одговорност.

„Водечкото мото на брендот  неслучајно е Модерни и хумани. Од самиот старт Елена Лука е вклучена во различни хуманитарни проекти кои се далеку од медиумите и очите на јавноста, а со сигурност така продолжуваме и во иднина. Оваа сатисфакција е од неизмерно значење и дополнителен поттик за нашата работа“, се заблагодари извршниот директор на Елена Лука, Јулија Николовска.

Да се биде хуман е секогаш ИН!

Објавено:
17 декември 2013
Категорија: 
Актуел