И бездомниците читаат Вог...

10 март 2015

Една од уредничките на Вог и воедно принцеза од Германија, Елизабет вон Турн-Таксис, викендов ги разбранува социјалните мрежи откако на Инстаграм постави фотографија од бездомничка како чита Вог.

Во описот под фотографијата, таа напиша: Париз е секогаш полн со изненадувања...читатели на Вог ќе најдете дури и на места каде што најмалку очекувате!

Веднаш по поставувањето на фотографијата, на нејзиниот Инстаграм профил се случи вистинска бура од коментари преку кои многумина ја осудија за нејзината недолична постапка.

Германската принцеза и стилска уредничка во Вог, веднаш се огласи по коментарите посочувајќи дека фотографијата воопшто не е недолична, туку истата покажува една достоинствена личност како и сите други.

Ова не е прв пат германската принцеза да предизвика бура од реакции за нејзините постапки и коментари на нештата.

Голем дел од критичарите во модниот свет, но и останатите магазини многу често не се согласуваат со она што таа го прави и го пишува на социјалните мрежи, но и во нејзиниот дел во Вог, посочувајќи дека нејзината граница помеѓу забава и вознемирувачки ставови е многу тенка.

Тимот на Дејли Мејл ја контактираше и жената која се најде на недоличната фотографија на Елизабет, која долги години „живее“ на она место каде што и беше фотографирана.

„Не е убаво да фотографирате луѓе кои живеат на улица и кои се во мојата положба. Тоа едноставно не е културно, тоа не е шега. Не е шега ниту тоа што јас живеам на улица, што сум опкружена со отпад...Тешко е да се живее на улица, постојано е студено и не можам добро да спијам, но никој не може да го разбере тоа“, вели 65 – годишната Марис Думас од Париз.

Таа вели и дека обожава бои! Го сака магазинот Вог затоа што е токму таков, полн со бои што секогаш толку многу ја привлекуваат, но откако ќе го разгледа, веднаш се ослободува од него.

Иако младата принцеза се извини за нејзиниот коментар и објавената фотографија, коментарите не стивнуваат!

Многумина посочуваат дека веќе е вистинско време магазините и социјалните ИТ личности да преземат одговорност за суровите работи што ги прават, а за кои не размислуваат бидејќи едноставно, не се нашле во тешка ситуција како оние кои ги споменуваат во нивните објави и фотографии.

Веќе е вистинско време тие да ги сфатат ефектите и последиците што ги прават со нивните постапки, кои секако се недолични, особено во случајот со Елизабет.

На еден уредник на модна библија како што е Вог и на девојка со кралско потекло, ниту пак на било кој обичен човек, не му е дозволено да се поигрува со лошата ситуација на луѓето кои не се во можност да имаат еден сосема нормален живот.

Иако е голема веројатноста таа да немала лоши намери, сепак бездомничката на која задолжително треба да и се помогне, дефинитивно не е публика со која треба да се „пофали“ еден уредник од нејзин ранг!

Што мислите вие?

Објавено:
10 март 2015
Категорија: 
Актуел