Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје вчеравечер прослави уште еден роденден, а во рамки на одбележувањето на овој ден, централно место им беше отстапено на годишната ревија на студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека под водство на професорката и дизајнерка Лидија Георгиева.

Темата, како што беше и најавено, гласи „Метаморфози“, а во креативниот процес беа вклучени студентите од втора, трета и четврта година. За овие последните, ревијата всушност беше и завршен испит, но и за останатите беше предизвик, кој се труделе што подобро да го совладаат.

Пред да ги видат креациите, присутните беа поздравени од деканот д-р Јон Магдески, како и од амбасадорот на Република Франција, Неговата екселенција Кристиан Тимоние, кој со одличниот македонски ја освои публиката.

Тој го изрази задоволството од заедничката соработка помеѓу француската амбасада, францускиот институт и Технолошко-металуршкиот факултет. За таа цел, тој додели и три наградни патувања за најдобрите студентит од Институтот за дизајн и инеженеринг на облеката при факултетот.

Така, можноста да го видат Париз за време на модната недела и да стекнуваат различни искуства во Франција, што ќе придонесе за уште поголема амбициозност и мотивираност како и креативен развој, ќе имаат Доневска Ангела, Христова Христина и Ѓуровска Даниела.

-Оваа 2017 година за студентите на ТМФ е под знакот на темата „Метаморфози“. Се договоривме да ја презентираме во три стадиуми и ова што го покажавме на Модниот викенд Скопје е првиот. Направивме голема размена на идеи, и секако, првиот стадиум е чаура. Тргнавме од идеја на инсекти, пеперутки,од некој зачеток кој потоа преминува во трансформирање во нешто. Тоа е идејата на метаморфоза. Вториот стадиум е всушност годишната ревија на ТМФ, а третиот ќе се случи во октомври на Моден викенд Скопје – објасни професорката Георгиева.

Инаку, како и минатата година, и оваа во креативниот процес беа вкучени и студенти од  идните биотехнолози, а резултатот од таа работа и накитот од јадлив фил ќе бидат презентирани во третата фаза, односно на Модниот викенд Скопје во октомври.

Дотогаш, погледнете во галеријата погоре како студентите инспирацијата на тема „Метаморфози“ ја преточија во креации.

Објавено:
20 јуни 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.746 пати