Импресии од втората вечер на Модниот Викенд Скопје

24 октомври 2013

На втората вечер од Модниот Викенд Скопје посетителите беа сведоци на урбаните колекции на младите македонски дизајнери. Катната гаража Св. Кирил и Методиј уште еднаш беше центар на вистинско модно доживување.

Женствена и шик колекција претстави младата дизајнерка Олгица Ѓоргиева под насловот „Ослободување“, а подеднакво интересна колекција претстави и шармантната Ирина Тошева со нејзините рок парчиња за модерните девојки и момци со едно име „Мементо Мори“. Вечерта ја затворија брендовите од Fashion Group, кои уште еднаш покажаа зошто се омилени меѓу младите во градот.

Неверојатно возбудена и еуфорична, Ѓоргиева по ревијата ни откри дека едвај чека да го види фидбекот од нејзината колекција и како истата им се допаднала на нејзините обожаватели.

„Мојата колекција се состоеше од 19 модели, кои претежно беа елегантни парчиња што се прилично носливи. Првенствено тоа и ми беше идејата, да биде нешто елегантно и уникатно, а во исто време да може и да се продава“, вели Олгица за нејзината колекција.

Во однос на организацијата, таа посочи дека и се допаѓа тоа што настанот расте од година во година и од истиот очекува да се подобрува се повеќе.

„Оваа година имаме и ново место на одржување на ревиите, што е вистинско освежување, и за нас дизајнерите тоа е многу интересно. Во однос на организацијата, ние сите буквално сме во постојана еуфорија и не посветуваме многу внимание на тие работи“, вели Олгица.

Таа не можеше да издвои некое омилено парче од нејзината нова колекција, бидејќи како што вели, се што е нејзино и е омилено.

„Во принцип се што излегло од мене си го сакам и не можам да издвојам парче што ми е омилено од оваа или било која друга колекција. Инспирацијата за оваа колекција е ослободувањето. Тоа не значи дека секој треба да се ослободи само од лошите работи, туку напротив, и од позитивните работи и сето тоа да излезе на површина. Јас се ослободив од инспирацијата што ја имав, што ми тежеше и ја претворив во нешто креативно – нова колекција“, вели за Fashionel.mk, Ѓоргиева.

Според впечатоците на публиката, Олгица презентираше колекција со интересни и носливи парчиња облека.

„Во оваа колекција особено ми се допадна зрелоста што се препознава во моделите на креаторот, а колекцијата беше комплетно различна од претходните и преку изразите на сите останати, а и според мојот личен впечаток откривам дека Олгица буквално не изненади со линиите што беа присутни, со колоритот и со сензибилитетот во самите модели. Она што оваа колекција ја издвојува од сите претходни, особено од последната, е тоа што повеќето парчиња се носливи, потсетуваат на една жена што знае што сака во животот и преку истата доловени се сите можни расположенија и улоги на една жена, од најпрестижни изданија па се до кежуал, дневни изданија“, вели Љупка Наумовска, директор на маркетинг агенцијата Ханибиз.

Младата и шармантна Ирина Тошева за разлика од досегашната пракса, вчеравечер претстави сосема рокерска и поинаква колекција. Како што ќе каже дизајнерката, инспирација за истата и биле костурските глави што се „ин“ последниве неколку сезони.

Во нејзините неколку минути, таа претстави интересни женски костуми, кошули со супер принтови и модерни куси здолништа, како и машки парчиња за модерни момци.

„Мојата колекција се состои од 12 парчиња, 10 женски и два машки модели, што изобилуваа со весел и младешки дизајн. Иако инспирацијата ми се костурските глави, како што можевте да видите парчињата беа во весели бои, дополнети со интересни материјали. Што се однесува до организацијата оваа година, можам да кажам дека истата се подобрува од сезона во сезона “, вели Тошева за Fashionel.mk.

Последните моменти од вечерта им беа посветени на Fashion Group кои претставија сосема носливи парчиња од нивните брендови Springfield, Bata, Celio, Bitsiani и Fashion&Friends.

Особен впечаток кај многумина остави ултра модерната колекција на Bitsiani која се состоеше од костими со модерен крој, одлични машки панталони, кошули и модни додатоци за храбрите момци.

Јасмина Апостоловска, маркетинг менаџер на Fashion Group задоволна од сите ревии на брендовите на групацијата, вели дека оваа година локацијата била пресудна и тие да се приклучат на Модниот викенд Скопје.

„Она што ми се допаѓа оваа година е дефинитивно локацијата. Можеби тоа беше и една од причините да се појавиме оваа година. Кога ни соопштија која е локацијата, решивме дека дефинитивно ќе се приклучиме, бидејќи сметаме дека одговара на нашите брендови, бидејќи тоа не се премногу елегантни и луксузни, туку се сосема урбани брендови што сметам дека сосема одговараат да се прикажат на ваква локација. На овој моден викенд ние се претставивме со ревија на Diesel, и тоа на првиот ден, а на вториот ден со ревии на Fashion& Friends (Replay, Scotch&Soda, Guess...), потоа Bata, Bitsiani, за покласичен формален изглед со кој може да се експериментира за некој интересен аутфит, потоа ги имавме Celio и Springfield кои претставија навистина одлични парчиња“, вели Јасмина.

Во однос на целната група на брендовите, таа ќе каже дека истите најмногу им одговараат на младите луѓе, но тоа не мора да биде правило.

„Еве на пример, Bitsiani како поформален бренд, може да се каже дека опфаќа и поширока таргетна група, со оглед на тоа што кај нас купуваат од матуранти па се до луѓе кои решиле да прават свадба или да одат на најразлични прослави, меѓутоа за останатите може да кажам дека се наменети за помладите“, појаснува Јасмина.

Резимето од втората вечер на Модниот викенд Скопје се сведува на интересни дизајнерски колекции со носливи парчиња за модерните и урбани момци и девојки. И двете дизајнерки во комбинација со брендовите на Fashion Group приготвија интересна модна вечер за посетителите и уживателите на модниот дизајн.

Објавено:
24 октомври 2013
Категорија: 
Актуел