Иницијатива: Потребата да се внесат студентите во реалниот свет е клучен предуслов за успешно образование

1 септември 2014

Неопходната потреба од практична настава и директното инволвирање на студентите од било која образовна област во реалното функционирање, е клучен предуслов за успешно образование.

Со ваква идеја,  денеска во организација на Европскиот Универзитет во Скопје беше покренета иницијатива за реализација на практична настава од областа на уметноста и дизајнот, за студентите од истиот Универзитет со свечено потпишување на договори помеѓу Факултетот за арт и дизајн од оваа образовна институција и повеќе засегнати институции  и компании од областа на уметноста и дизајнот.

„Целта на оваа денешна наша средба е потпишување на договорот за соработка помеѓу Европскиот Универзитет и Факултетот за арт и дизајн и одредени компaнии, организатори на модни и дизајн недели и сите оние кои што припаѓаат во областа на уметноста и применетата уметност, со што ќе им ги отвориме вратите на младите дизајнери кои утре можеби ќе го најдат своето работно место во една од овие компании“, ја најави иницијативата,  Деканот на Факултетот за арт и дизајн, г-ѓа Јана Манева Чупоска истовремено упатувајќи на тоа дека овој чекор е и во рамките на законските регулативи.

Помеѓу институциите и компаниите кои ја поддржаа оваа иницијатива беа и модната куќа Елена Лука, Културниот Информативен Центар, Модниот викенд Скопје, Галеријата Остен, како и  општествената непрофитна организација Public Room и  Skopje Design Week, кои во рамките на своите професионални уредувачки политики посветуваат големо внимание на мобилизирање и вклучување на студентите во функционирањето во реалниот корпоративен свет.

„Во овој договор кој што за прв пат го правиме од ваков свечен карактер, многу важни се три сегменти, покрај законската обврска.  Еден дел од договорот ќе се однесува на соработка со институциите на повеќе нивоа како организирање на семинари, предавања, гостувања... Од друга страна официјалниот дел од законот кој се однесува на ваквата соработка, се нарекува „клиничка“ настава. Тоа значи дека факултетот треба десет посто од наставата да соработува со надворешни професори, искусни во својата област. Во делот на стажирање кој е многу важен сегмент, е вашата институција да даде отворени врати, односно можност студентите да влезат во вашите институции и да помагаат во оној дел каде што мислите дека ќе бидат потребни, независно дали се работи за некој проект или процес на изработка на колекција или подготовка на изложба... Студентите да бидат во тек со тоа што вие го работите во вашата институција“, им се обрати Манева Чупоска на присутните идни соработници.

Како дел од својата морална етика во развојот на младите кадри, модната куќа Елена Лука до сега во многу наврати го помогнала доусовршувањето на професионалните способности на студентите од областа на модниот дизајн.

„Ја поздравувам оваа иницијатива и како и секогаш до сега, Елена Лука ќе продолжи со мобилизирањето на домашните млади креативни кадри преку користење на сите свои капацитети. Развојот на креативниот потенцијал на студентите особено од областа на применетата уметност е од исклучително значање за успешниот развој на македонската модна индустрија. Директното соочување на студентите уште во текот на нивниот образовен процес со реалните ситуации, сериозно ќе ги подготви за моментот кога по нивното дипломирање ќе треба и реално да одговорат на професионалните предизвици“, изјави извршниот директор на модниот бренд Елена Лука, Никица Милевска.

Организаторката на Модниот викенд Скопје, Светлана Богова-Јовановска исто така ја поддржа идејата за практичното инволвирање на студентите во областа која ја студираат и посочи на петгодишната соработка која FWSK ја има со Европскиот Универзитет, пред се преку отстапување простор за промоција на студентите од областа на модниот дизајн со свои модни ревии, но и учество во самиот организациски процес.

Со реализацијата на оваа иницијатива за практично доусовршување на квалитетот и потенцијалот на студентите, особено од  областа на уметноста и дизајнот, би се пополнила една сериозна празнина во целокупниот едукативен процес. Од една страна би имале подобро едуцирани студенти кои за пократок временски период и полесно ќе се адаптираат на реалните барања на пазарот, а од друга страна ќе имаме компании кои ќе можат без дополнителни обуки и квалификации, веднаш да ги ангажираат дипломираните студенти во својот секојдневен работен процес.

Објавено:
1 септември 2014
Категорија: 
Актуел