Инспиративна и продуктивна средба на членките на Sweet 40 +

24 ноември 2018

Дел од членките на фан страната Sweet 40 + повторно имаа можност да се дружат во ова прекрасно саботно попладне, а сосема очекувано, средбата помина неверојатно пријатно.

На истата, на дел од членките им беа доделени подароци за нивните исклучителни стајлинзи кои досега ги имаат објавено во групата за избор на најдобар стајлинг.

Идејата на Елена Пандева за фан страната Sweet 40 + која за многу кратко стана неверојатно популарна, ја поздравија и дамите со кои денеска имавме можност да се дружиме и со нас споделија што е она што најмногу им  се допаѓа досега.

„Јас секојдневно ја следам страната, најчесто наутро, а ги обожавам пораките за добро утро и убав ден. Кога и да можам, се трудам да комуницирам со останатите членки и да разменам информации и искуства на одредената тема, бидејќи интеракцијата е многу важна. Од она што јас успеав да го забележам, за многу кратко време, групата доби многу членки. Мислам дека до скоро беше табу тема да имаш 40. Зошто да не кажам колку години имам? Досега немаше конкретно место каде ние дамите после 40 можеме да коментираме на теми што нас не интересираат, така што оваа група е повеќе од добредојдена“, вели Оливера Михајловиќ.

Таа додава дека ѝ се допаѓа тоа што на едно место има дами од различни профили и постојано разговараат на различни теми, но споделуваат и многу важни совети за сè што ги интересира.

„Сите сме поминале низ различни работи во животот и не можеме да изгледаме исто, но најважно од сè е тоа што сите сме тука да се дружиме, да се смееме и да коментираме. Дури и кога има лоши коментари, да знаеме и на нив да одговориме. Треба секој да знае да се носи со тоа“, додава таа.

Со неа се согласува и Виолета Ангелковска која ќе каже дека за страната дознала од модната куќа Елена Лука, чии модели долги години се нејзин фаворит.

„Групата ми се допаѓа заради тоа што има различни теми и мене лично, ме потсетува на младоста. Постојано гледам убави музички видеа кои не наведуваат меѓусебе да си коментираме и да се потсетуваме на некои убави моменти од нашата младост. Ние сме воспитувани на поинаков начин, сме изалегувале на едни исти места, сме се препознавале меѓу себе, додека денеска има еден друг начин на живот, урбан, брз и секогаш е убаво да се потсетиш на минатото“, вели Виолета.

Таа посочува дека има чувство дека денеска не си посветуваме доволно време на себе, па фан страната Sweet 40 + е одлично место каде можат да ги дознаат најновите модни трендови, да прочитаат нешто што ги интересира, да разменат искуства и слично.

„Би сакала да предложам почесто да имаме вакви дружби бидејќи ние како жени, поради целата ситуација, немаме време за такво нешто, а треба да си пружиме меѓусебна поддршка, да споделуваме убави и лоши моменти и мислам дека групата е одличен начин за тоа. Можам да кажам дека групата мене ми дава самодоверба. Ми се допаѓа и тоа што сме една група на жени кои имаат слични ставови, иако сме различни категории и од различни профили. Токму тоа е и целта, да може да размениме информации и да побараме совети за нешто конкретно кога ќе ни притреба“, додава Виолета.

Двете дами посочуваат на тоа дека е важно сите да коментираат на разните теми што секојдневно се обработуваат на Sweet 40 +, за секоја од нив да може да се пронајде себеси во искуствата на другите жени и така да си помогне во одредена ситуација.

Она на што би сакале да се насочи страната во иднина, покрај одличните секојдневни содржини, се советите од експерти од разни области кои би биле достапни во одреден ден за прашањата што тие ги имаат.

„Тие што можеби не се чувствуваат слободно да прашаат или да споделат нешто јавно, истото може да го направат во приватна порака и тоа е сосема во ред. Би предложила да се обработуваат повеќе здравствени теми, од типот на тоа дали по 40 – тата можеме да се здобиеме со дијабет, покачен крвен притисок, зголемена телесна тежина, како да се справиме со тоа и слично. Од исклучително значење се гинеколошките теми и тоа што жените денеска сè порано влегуваат во менопауза. Ние сме во години кога организмот почнува да ни се менува и постојат многу работи што нè интересираат и за кои би сакале да разговараме“, се согласуваат двете дами.

Посочуваат и дека жените без проблем треба да ги споделуваат и личните искуства, бидејќи само на тој начин ќе си помогнат и себеси и на другите кои можеби се соочуваат со нешто слично, а како што ќе кажат, тие треба да се таму да се советуваат, а не да осудуваат.

На дамите кои беа дел од денешната средба која полека, но сигурно преминува во традиција, им беа доделени подароци меѓу кои и прекрасна марама од модната куќа Елена Лука, парфем и книги за уживање во студените зимски денови.

Од платформата Sweet 40 + најавуваат и нови дружби и изненадувања за сите членки на групата која за кратко време стана вистински популарна меѓу дамите во Македонија.

 

Објавено:
24 ноември 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
848 пати