Излезе првото видео за „Си беше еднаш во Холивуд“ со Пит и Дикаприо

21 март 2019

Уште од најавата дека Квентин Тарантино ќе прави филм со Леонардо Дикаприо и Бред Пит, јавноста со нетрпение го очекуваше првото видео, а секако и комплетното остварување.

Вчера конечно излезе првиот трејлер, а коментарите се повеќе од позитивни. Впечатоците дека Тарантино уште еднаш ќе понуди тоа што и се очекува од него - остварување со добра глума, необично дејство и совршена музика.

„Од актерите се очекува да прават многу опасни работи.Покрај мене, тука е и Клиф (Бред Пит), за да го подели тој товар", изјави во една пригода Дикаприо.

А кога сме кај дејството, тоа се одвива во крајот на 60-тите години. Сценариото е на Квентин, а тој исто така го режира и продуцира филмот. Инаку, инспирацијата ја носи од неговото растење во Лос Анџелес во време на кулминацијата на хипи контракултурата.

„Работам на сценариото веќе пет години, а живеам во Лос Анџелес и околината поголемиот дел од својот живот, вклучувајќи го и периодот од 1969 година, кога имав само седум години. Возбуден сум што ќе ја раскажам приказната за Холивуд и Лос Анџелес какви што повеќе ги нема, не постојат“, изјави претходно режисерот.

Инаку, во филмот се појавуваат и Марго Роби, Демијан Луис, Дакота Фенинг, Брус Дерн, и Лук Пери, кој за жал неодамна почина.

Сето ова е сосема доволно интересот за остварувањето, кое својата премиера ја имаше на годинешното издание на Канскиот фестивал, да биде големо.

Но, филмот се набљудува и од моден аспект. Како пренесува „Вог“, се очекува ова да биде и модно возбудливо остварување. Ако се има предвид дека Аријана Филипс е задолжена за костимите, кои секако ќе соодветствуваат на модата од крајот на 1970-тите, тогаш дефинитивно со нетрпение очекуваме да го погледнеме филмот. 

За потсетување, Филипс работеше и на филмот на Том Форд „Ноќни животни“, а на многу од турнеите на Мадона, беше задолжена за нејзините костими.

Во продолжение погледнете го трејлерот:

Објавено:
21 март 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
448 пати