Изложба на современ накит „Флора вс Фауна“

25 септември 2018

Во среда со почеток во 20 часот, во еден од најстарите музеи во Македонија, Природно - научниот музеј во Скопје, во организација на „KAPKA Jewelry“ ќе биде отворена групна, меѓународна изложба на современ накит насловена „ФЛОРА вс ФАУНА“. 

Петмина извонредни дизајнери ги здружија своите креативни сили и создадоа прекрасни парчиња под заедничко име „Флора вс Фауна“. 

Јоана Арделеан од Романија, Симеон Шомов од Бугарија и Јана Ацевска, Биби Клекачкоска и Глигор Кузмановски од Македонија, инспирирани од тематиката за флората и фауната, направија единствени парчиња накит, кои можат да се погледнат во необичните простории на Природно-научниот музеј. 

„Идејниот концепт за изложбата, кој одамна тлее во мене веќе наиде на позитивни коментари и во иднина планирам да ја поставам и во други музеи низ регионов. Јоана ја запознав пред две години кога изложував на Аутор во Букурешт. Таа е архитект по професија и ме привлече нејзиниот специфичен минималистички пристап кон нејзините парчиња накит. Симеон ми е исто така драг колега од Софија, кој наедно е извонреден дизајнер. Знае многу вешто преку својот накит да раскажува свои приказни. Со Биби и Глигор имаме долгогодишна соработка и интересно е да следам како созреваме и се развиваме во полето на современиот накит. Самата тема за изложбата некако се наметна од просторот и обратно. Живееме на прекрасна планета. Полна со живот. Токму оваа планета секојдневно не воодушевува и инспирира. Секоја педа земја е единствена по својата убавина, полна растенија и животни, кои се избориле да опстанат овде со нас... Па оттука добивме и инспирација, која не понесе нас петмина и не донесе до овој момент што сакаме да го споделиме со јавноста“ објаснува Јана Ацевска, дизајнер на накит и идеен творец на изложбата. 

Постановката ќе биде отворена се до 30 септември и посетителите ќе можат да ја погледнат во овој период од 9 до 16 часот.

Објавено:
25 септември 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
217 пати