Јелена Ѓокиќ: Покрај физички, задолжително е моделите да бидат и психички спремни за странство!

9 март 2015

Оваа сабота во Скопје се одржа големиот кастинг за годинешниот избор за Лице на годината (Look of the year), чие финале се очекува да се случи во ноември. Минатата година, Македонија на светскиот избор за Лице на годината ја претставуваше прекрасната Наталија Стојановска од Моделс Ин, која потпиша договор со најдобрата балканска модна агенција Model Scouting Office од Белград. Fashionel имаше можност да присуствува на кастингот за годинешниот избор, каде разговараме со агентката, букер од модната агенција, Јелена Ѓокиќ, која на кратко ни го опиша процесот на кастинг на девојките, разговаравме за изборот, но и за она најважното – што треба да поседува секоја девојка која посакува да чекори на светските модни писти. Инаку, со модната агенција Model Scouting Office раководи единствената Јелена Ивановиќ која и самата беше една од најпопуларните модели кон крајот на 90 – тите. Искуството кое таа го стекна низ годините, денеска го споделува со младите девојки од нејзината агенција кои работат рамо до рамо со светските модели. Многу наскоро, ќе биде објавена и конечната листа на модели што ќе заминат во Белград за официјалниот кастинг за изборот за Лице на годината...

Дали ова е првиот кастинг во Македонија?

Конкретно, во однос на кастингот за избор на лице на годината, да, ова е првиот кастинг во Македонија, ја имаме таа среќа Алек и агенцијата Моделс Ин повторно да не угостат и да ни овозможат еден простор за работа каде ќе можеме да најдеме нови надежи како Елена Трајановска, Катарина Ивановска, па се надеваме дека токму такви и ќе најдеме.

Елена Трајановска за Макс Мара Елена Трајановска за Макс Мара

Според кои критериуми се избираат девојките?

Со оглед на тоа што ова е избор за Лице на годината, тоа е избор на кој не се одбира класична Мис девојка, туку се бира девојка по вистински манекенски мерки, па тоа е всушност и критериумот по кој ние се водиме. Важно е таа да има некоја минимална висина од 177 цм., градите да бидат до 90 цм., струкот 60 и колковите 90 цм.

Што се случува со девојките по овој избор?

Она што е особено интересно кај овој избор е тоа што кариерата на девојките не се завршува со завршувањето на самиот избор, туку истата тогаш и започнува. По изборот, секоја девојка која ќе влезе во тој некој потесен круг, ќе има право и можност да започне светска кариера и ние сето тоа ќе и го обезбедиме колку можеме подобро.

Наталија Стојановска ја претставуваше Македонија на минатогодишниот избор за Лице на годината Наталија Стојановска ја претставуваше Македонија на минатогодишниот избор за Лице на годината

Кажете ни нешто повеќе за изборот...

Станува збор за регионален избор, нашата агенција Model Scouting Office од Белград ја откупи лиценцата за сите поранешни членки на СФРЈ, тука имаме девојки од Македонија, од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, од Хрватска и Словенија. Се бираат по три учеснички кои ќе ја претставуваат својата земја на големото светско финале што оваа година ќе се одржи во ноември. Како и минатата година, на натпреварот ќе одат по три девојки од секоја земја и ние им посакуваме многу среќа на сите и се надеваме дека можеби некоја девојка токму од Македонија ќе победи оваа година.

Раскажете ни малку повеќе за успесите на вашата агенција...

Model Scouting Office е модна агенција што во регионот дефинитивно најдобро се занимава со пласман и водење на кариерите на манекени во странство. Директорката на агенцијата Јелена Ивановиќ и сама во текот на 90 – тите беше најдобра манекенка, таа има работено за агенцијата Women Paris каде беше директорка на скаутинг одделот три години, потоа беше директорка на Women Milano, исто така за скаутинг делот, по што се врати во Србија каде ја продолжи одличната работа на тоа некое светско ниво и токму тоа е она по што ние најмногу се разликуваме. Ние не организираме некои курсеви по манекенство, не делиме дипломи, туку едноставно се занимаваме со модели кои имаат многу потенцијал, модели за кои веруваме дека оваа работа може да им обезбеди светла иднина како вашата Елена која почна со нас со помош на Алек Наумовски. Таа сега е во Токио каде работи многу успешно, претходно работеше и со Women Paris и Women Milano, што се огромни успеси. Покрај тоа што ние ги водиме на некој прав пат, ние се грижиме многу за нив, постојано сме со нив кога се на пат, секогаш се трудиме да им излеземе во пресрет 24 часа дневно за тие да се чувствуваат сигурно и безбедно и секако, кај нивните родители да оставиме впечаток дека сме агенција во која може да имаат доверба што е и најважно.

Директорката на агенцијата Јелена Ивановиќ на насловната на Мери Клер Директорката на агенцијата Јелена Ивановиќ на насловната на Мери Клер

Која е идеалната возраст за отпочнување на кариера на модел?

Најдобро е девојките да почнат со оваа работа на 13, 14 години, па веќе на 17 години тие да бидат спремни да почнат да патуваат. На нас ни е многу важно покрај тоа што моделите ќе бидат физички спремни, да бидат и психички спремни, да се ментално способни да се одвојат од семејството, да се преселат во друг град, да живеат во друга околина, со нови луѓе, да зборуваат друг јазик, а секако, и да се справат со големата конкуренција што ги чека кога ќе заминат. Токму затоа, ние секогаш бираме опција да почекаме барем една година додека не видиме дека детето е целосно спремно за тој чекор.

Јелена Ивановиќ со минатогодишната победничка на светскиот избор за Лице на годината, Маја Даничиќ од Србија Јелена Ивановиќ со минатогодишната победничка на светскиот избор за Лице на годината, Маја Даничиќ од Србија

Објавено:
9 март 2015
Категорија: 
Актуел