Камелеонска трансформација на Каролина во рок дива

29 март 2014

Синоќешниот концерт во Универзална сала на македонскиот виртуоз на гитара, Влатко Стефановски, беше по повод неговото активно искуство од  40 години на македонското музичко небо и претставуваше музички омаж на огромното музичко творештво.

Влатко,  „наоружан“ со  пет гитари, што секоја посебно зазвучи со неповторливи солажи,  на публиката и создаде специјален концерт за паметење, на кој освен тој настапија и неговите домашни како и регионални соработници. Раде Шербеџија, Џибони, Бајага и нашата популарна поп пејачка Каролина Гочева,  го направија концертот уште побогат и повозбудлив.

Покрај Андријана Јаневска која беше пратечки вокал на сцената со останатите четворица членови од бендот, Каролина настапи како единствената дама  во улога на гостинка, а на сцената се појави во уникатно рокерско издание, стајлинг на нејзината долгогодишна соработничка и стилистка Цаци Паковска.

Стајлинг Цаци Паковска Стајлинг Цаци Паковска

Каролина  беше динамична и разиграна на сцена и очигледно  уживаше во комфорноста што и ја овозможи слоевитата комбинацијата. Стајлинг, сочинет од мини фалтирано здолниште со висок струк во црна боја, надополнето со спортска маичка со апликација од култниот  симбол  на групата Ролинг Стоунс, врз која пак имаше раскопчана тексасна кошула надополнета со мото кожен елек со долги реси. Фризурата и шминката беа во фазон што веќе сме го виделе, а таа го негува, како пуштената коса со брановидни кадрици и минималистичката шминка со впечатливо нагласени очи и бледа нијанса кармин. И овој нејзин стајлинг беше доказ дека Каролина е оригинален  моден камелеон кој од Кетрин Хепберн се трансформира во дива рокерка.

Објавено:
29 март 2014
Категорија: 
Актуел