Каролина Гочева и нејзиниот глас на меракот – мелем за сите рани!

21 февруари 2014

Вчеравечер Македонската опера и балет беше местото каде можеа да се слушнат најубавите чалгии на светот, да се ужива во прекрасни македонски песни со неверојатни џез моменти, да се биде дел од огромниот мерак што специјално за своите обожаватели го создаде единствената, македонската поп дива Каролина Гочева.

Концертниот маратон започна, а на првиот од петте, што таа ќе ги одржи во МОБ во рамки на нејзината концертна промоција, Каролина  уште еднаш докажа зашто е омилена меѓу многумина. Цели два часа, публиката имаше можност да замине во еден друг свет, свет исполнет со одлична стара македонска музика испеана со неверојатно моќниот глас на Гочева.

Во текот на целиот концерт, поп дивата беше придружувана од беспрекорниот оркестар предводен од генијалниот Николче Мицевски кој воедно е и главниот виновник за создавањето на „Македонско девојче 2“.

Почетокот на концертот беше резервиран за песните од новиот албум, подеднакво добри како и оние од првиот. Неверојатно шармантно, таа ги отпеа „Кој да ми запее“, „Вези, вези“, „Сакам да не те сакам“, „Смеј ми се смеј“, „Сон“, „Те видов и се заљубив“, „Ќе пијам љубов“ и уште неколку други песни што иако публиката за прв пат ги слушна, реагираше неверојатно добро судејќи според задоволната насмевка на нивните лица.

Во моментот кога салата на МОБ ја исполнија звуците на „Чалгиска“, а потоа и оние на „Две лири“, публиката почна да пее во еден глас со пејачката. Со тоа, апсолутно се докажа дека и на овој албум, како и на првиот, му се предвидува огромен успех.

Посетителите ја интензивираа својата срамежлива игра во оној момент кога таа реши дека „Дојде време“ за да отпее некоја песна од „Македонско девојче 1“. Уживавме во „Скопска магла“, „Ружо, ружице“, апсолутно се разигравме на „Пролет, лето, есен, зима“, а во еден глас ја пеевме тажната и преубава „За кого?“.

Како и секогаш, пејачката на сцената се појави во одлична комбинација на нејзината долгогодишна стилистка Цаци Паковска, составена од кошула на преклоп во темно зелена боја со впечатливи додатоци од пердуви на рамениците, црни панталони со висок струк  и лакирани црни салонки  од „Долче и Габана“.

Во духот на песните, пејачката концертот го отвори со нејзиниот за сезонава, омилен моден додаток - црн шешир. Секогаш во чекор со трендовите, таа носеше и дијамантски накит на Тесоро и впечатливи прстени на скоро сите прсти  како и суптилни обетки. На големо изненадување на публиката, пејачката се појави со коса до рамената под шеширот, но за среќа, специјално направена само за концертот, дело на Сретен Костиќ и Јасмина Ивановска, а шминката на Александар Дадар, исто така нејзин долгогодишен соработник.

Како што и самата кажа, на сцената вчеравечер можеше да се види една сосема поинаква, созреана Каролина која зрачеше со неверојатна енергија и уживаше во сите песни што ги отпеа. Таа им достави отворена покана на сите обожаватели што повторно сакаат да ја слушаат, да уживаат и на уште еден од петте концерти што ќе ги одржи во интимната сала на Македонската опера и балет.

Истото и ние топло ви го препорачуваме. Цели два часа, таа не само што ни ја разгали душата, туку дома не испрати со топли насмевки на лицата. Уште еднаш нѐ потсети дека македонската музика, особено онаа старата е нешто што дефинитивно треба да се чува и негува, бидејќи на крајот на денот, музиката е единствениот мелем на рана. Ние праќаме абер до сите, да одвојат два часа за некој од нејзините следни концерти и да уживаат во гласот на меракот.

 

 

Објавено:
21 февруари 2014
Категорија: 
Актуел