Модното шоу на Каролина Херера во рамки на модната недела во Њујорк се одржа вчера. Тоа воедно беше и нејзиното последно, шоу со кое ја завршува својата 37-годишна кариера.

Од утре 79-годишната дизајнерка ќе стане глобален амбасадор на брендот, додека Вес Гордон, кој во последнава година работи со неа, ќе ја преземе функцијата креативен директор и главен дизајнер.

„Ве молам немојте да пишувате како се повлекувам или одам во пензија. Не се повлекувам, само ги следам трендовите и одам чекор напред“, вели дизајнерката.

Каролина одлучи дека после 37-години во модниот дизајн, конечно повеќе ќе се посвети на семејството – сопругот, ќерките, од кои има 12 внучиња и 6 правнуци.

„Промената се однесува на тоа дека ќе престанам да креирам и да се будам со мислите дали ракавот треба да стои тука или таму, дали здолништето да биде подолго, со фалти или без“, потенцира Херера.

Каролина беше препознатлива по елегантноста и софистицираноста. Нејзиниот главен белег се белите кошули во комбинација со широките здолништа. Стремејќи се токму кон оваа естетика, таа минатата година изјави дека воопшто не ѝ се допаѓа трендот на „голите“ фустани на црвениот килим.

„Модата се смени многу. Денеска во тренд е грдотијата. Жените се облекуваат многу чудно, како кловнови. Денес постои притисок дека постојано мора да се менувате, но јас сметам дека секој треба да го носи она во што најдобро се чувствува. Додајте нешто ново, колку да го освежите својот стил. Константноста е многу битна, покажува дека имате карактер и свој стил, како и дека не им робувате на трендовите“, смета Каролина.

Нејзиното богатство се проценува на 1.4 милијарди долари, а отсуството од њујоршката и генерално, светската модна сцена, ќе биде забележливо.

Сепак, од друга страна, ќе биде возбудливо да се види како Вес Гордон ќе ја искористи шансата за самостојно креативно изразување. 

Ревијата започна со добро познатата црно-бела комбинација (кошула+здолниште), а всушност тој прв дел од колекцијата всушност претставуваше ода на препознатливите комбинации на дизајнерката кои најчесто се врзуваа со дневниот стил. 

Вториот дел пак, беше колоритен. Таа понуди лелеави фустани во свежи бои, а посебно впечаток оставија фустаните со прав крој, што во горниот дел се корсетски поставени, а одоздора се збогатени со тул.

На крајот видовме и волуменозни креации исто така од тул, или подобро да кажеме тулови во разни бои. Посебно изненадија и парчињата со принт, како и оние од реси со металик ефект. 

Модните стручњаци велат дека оваа последна ревија на Херера воопшто и не била типична за неа. Дизајнерката одиграла умно и понудила нешто ново, односно му дала на Вес Гордон да го предводи креативниот процес, со тоа покажувајќи ја нејзината поддршка и понатамошен развој на брендот.

Во галеријата на почетокот на текстот можете  да ја погледнете колекцијата во целост, а во продолжение да се потсетите на еден мал дел од креациите со кои Херера остави печат: 

Објавено:
12 февруари 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
660 пати