Кејт Хафпени: Од стилист на познатите, до успешен дизајнер на венчаници

30 јули 2014

Харизматичната Кејт Хафпени е вистински пример за жена што го живее својот сон! Од сосема обичен стилист на познатите холивудски фаци, таа стана неверојатно добра дизајнерка на венчаници.

„Обожавам да ги облекувам невестите. Тоа отсекогаш ми се допаѓало. Освен тоа, обичните луѓе се многу поблагодарни од познатите личности за кои секој ден требаше да смислувам нови стајлинзи“, вели Кејт.

Oткако дипломирала на Универзитетот во Сент Мартин во 1998 – та година, таа почнала да работи како стилист и дизајнер на костими, а во нејзиното импресивно портфолио се сместени и кампањите за Римел во кои таа ги средуваше стајлинзите на Кејт Мос, потоа концертите на бендот Kaiser Chiefs, како и актерката Емилиа Фокс.

Кејт пораснала во англиската област Дербшир окружена со мода – нејзината мајка Џозефин била дизајнер на плетеници.

„Веднаш по завршувањето на часовите одев во нејзината продавница и си играв со сите оние материјали што не и требаа на мајка ми“, раскажува Кејт.

Таа додава дека уште како мала, ги обожавала невестите и сите работи поврзани со нив. Како што ќе каже, „отсекогаш била опседната со венчаници“.

Токму нејзината пријателка и актерка Емилиа Фокс била таа што ја натерала Кејт да основа свој бренд за дизајнирање на венчаници уште во 2005 година.

„Бизнисот се развиваше многу полека. Почнав да правам околу три фустани во текот на целата година. Нешто подоцна, најмив и шивачка која ми помагаше, бидејќи со текот на времето не можев сѐ сама да постигнам. Денеска, имаме многу работа. Сите луѓе што се со мене во работилницата ја обожуваат својата работа и едноставно се обземени од целото невестинско искуство. Кај нас може да дојде кој сака. На секоја девојка и е дозволено за време на пробата да го проба секој фустан што ќе и се допадне и ако сака, да се врати уште неколку пати додека не биде сигурна“, вели Кејт.

Нејзиното дело на кое особено се гордее е роденденскиот фустан за Кејт Мос кој го направила во четири бои за да може манекенката да се пресоблече неколкупати во текот на вечерта.

„Тоа беше прекрасен фустан. Бидејќи малку наликуваше на венчален, многу од светските магазини пишуваа дека Кејт дури и се омажила во тој фустан, бидејќи токму тогаш требаше да се случи и нејзината свадба“, вели Кејт.

Нејзините креации се навистина нешто посебно. Тие секогаш се супер лежерни и модерни, со многу тантела и нежен тул. Она по што таа е препознатлива се венчалните здолништа што таа ги комбинира со нежни и шармантни горни делови од кои девојките секогаш се многу задоволни.

„Не можам да кажам дека моите креации се многу традиционални. Тие секогаш се олицетворение на она што моите клиенти го сакаат. Она што за мене е најважно, е сѐ она што го правам, да го правам во мојата родна Британија“, заклучува за крај прекрасната Кејт.

Објавено:
30 јули 2014
Категорија: 
Актуел