Ќе се снима филм и за Дрис Ван Нотен

3 ноември 2016

За филмот посветен на Александар Меквин на големо се пишува и сите со нетрпение го очекуваат. Но, тој не е единствениот дизајнер на кој ќе му биде посветена приказна на големото платно.

Овој пат се работи за документарец во чест на Белгијанецот Дрис ван Нотен, насловен едноставно – „Дрис“.

Како пренесува „Ви-ви-ди“, во филмот ќе бидат опфатени најсветлите моменти во 25-годишната кариера на дизајнерот. Неговите обожаватели, а и вљубениците во модата ќе имаат можност да видат како изгледа неговото ателје, но и неговиот дом и тоа сè за време на подготвувањето на четири колекции годишно.

колекција за пролет-лето 2015, претставена на Париската модна недела

Освен него, во остварувањето ќе се појават и ќе зборуваат и влијателни луѓе од различни делови на модната индустрија меѓу кои и Ајрис Апфел, Сузи Менкес, Памела Голбин.

Продуцент е Рајнер Холцемер, кој една година го следел дизајнерот и неговиот начин на живот. Тој додава дека појавувањето и учеството на Ван Нотен во филмот барало процес на убедување.

-Ми требаше многу време за да го убедам Дрис да ја сподели неговата страст, креативност и интимен свет пред камера. Го следев цела година и сметам дека успеав да се приближам и нему и на неговиот свет најблиску што можев. Се надевам дека резултатот ќе биде една мошне лична и искрена приказна за неговиот живот и кариера – вели продуцентот.

Објавено:
3 ноември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
77 пати