Ќути, барем нè има...

20 март 2015

collage1

Покрај бројните турски серии, политика, на нашите телевизии, третиот дел од програмата оди на регионалните музичките шоу-а. Публиката пак, поради сиромашниот избор, ќе погледне емисија-две, па потоа уште една-две и веќе станува официјален и редовен гледач на овие шоу-а. Таленти има со лопата да ги ринеш, исто толку и неталенти, кои веруваат дека се таленти, бидејќи изгледа нема кој да им каже дека не е сè за во јавност...

Но, тоа е друга тема. Она што несомнено е забележително е дека во ниту едно од регионалните музички талент шоу-а моментално актуелни, а ниту во оние што претходите години се емитувале, нема судија, или член во жири комисијата од Македонија.

жири комисијата на првото издание на Икс Фактор Адрија жири комисијата на првото издание на Икс Фактор Адрија

Нашата публика редовно гледа, наши учесници редовно има, често и се одлично рангирани. Да се потсетиме, Ноне беше финалистка во првото издание на регионалниот „Идол“, Даниел Кајмаковски победи во регионалното издание на „Икс Фактор“, Трајче Георгиев фасцинира и е еден од фаворитите во „Пинкови ѕвездички“... И тоа е одлично, но македонскиот дел од регионалните проекти тука како да завршува.

Дел од шоу-та одлучија да ја вклучат Македонија и во водителскиот тим ( тоа беше практика и во реалните шоуа, како Големиот брат, не само во музичките), но каде? Во бекстејџ. Со тоа ни покажаа каде ни е местото.

Секако важен е и изборот што ние го праќаме. Можеби не располагаме со голем избор кога се водителите во прашање, но во секој случај, местото на водителот однапред е познато и се договара. Нас ни се дава споредното. По кој критериум Србите или Хрватите ги бираат водителите? Што е атрактивно за нив – интелектот или совршеното тело? Да знаеме што да понудиме...

Антонија Блаце, Александар Радојичиќ и Снеже Велков се годинешните водители на музичкото шоу Икс Фактор Антонија Блаце, Александар Радојичиќ и Снеже Велков се годинешните водители на музичкото шоу Икс Фактор

И тоа е тоа. Ниту еднаш не видовме македонски пејач или музичар во жири комисиите.

Зошто?

Честопати ја слушате фразата: „Во Босна немој да пееш, во Србија немој да играш, а во Македонија немој да ни пееш, ни да играш“, но од што сме толку добри изгледа, не нè викаат.

-Немаме ли доволно квалитет и стручност? – Причина што веднаш треба да се отфрли,бидејќи сама по себе е неточна. На регионалната публика многу добро им се познати голем број македонски квалитетни пејачи и музичари, независно за кој музички жанр зборуваме.  

-Во, контекст на тоа, немаме доволно познати музичари? – Уште една причина што не е доволно добра, бидејќи на музичката сцена постојат имиња што се познати не само во регионот, туку и на светската музичка сцена. Треба ли да го споменам Симон Трпчевски? Или Четкар? Тавитјанови? Влатко Стефановски? Оттаму, Зошто Емина Јаховиќ е подобар избор од Каролина Гочева, на пример? Или зошто Тончи Хуљич е поинтересен од Влатко Стефановски? Има ли поуспешна кариера од него? Попознат е?

x-factor1

-Скапи ни се музичарите? – Сите овие шоу-а и продукции се финансиски поткрепени, па кога можат да си дозволат да одвојат хонорари за српските музички или босански, хрватски ѕвезди, зошто не би платиле и еден наш одличен музичар или пејач? Работата е во изборот.

Одејќи по критериумот по кој би можеле да ги бираат „судиите“ – квалитет, популарност, успешност и цена, не гледам доволно силна причина зошто нè нема.

На крајот излегува дека сепак, за „главните продукциски ѕверки“ не сме доволно интересни и добри за таа улога, што автоматски нè прави потценети, помалку и кутри… Секогаш да се задоволиме со најмалку... „Ќути, барем водител имаме; Ќути, нашиов влезе во финале; Ќути, направија аудиција и кај нас.“ Ќути.

жири комисијата на шоуто Јас имам талент се состоеше од актерката Даница Максимовиќ, директорот на српската филхармонија, а сегашен министер за култура Иван Тасовац и музичарот и продуцент Александар Милиќ Мили жири комисијата на шоуто Јас имам талент се состоеше од актерката Даница Максимовиќ, директорот на српската филхармонија, а сегашен министер за култура Иван Тасовац и музичарот и продуцент Александар Милиќ Мили

Всушност, сиромашни сме... Таа малодушност, „скромност“ од наша страна доаѓа од проблемот што немаме македонска продукција. Силна македонска продукција. Нас дома нема кој да нè пласира, за потоа да се шири мрежата. Затоа и во Македонија зборот популарно има поинакво значење отколку кај останатите. Кај нас еднаш да се појавиш на реклама, те сметаат за популарен. Во тоа шоу-биз море, ние сме ситни риби.

Вистината е дека ние немаме поддршка. Тоа нè става во подредена ситуација, да мора да се прилагодуваме и да бараме чаре надвор, односно во соседството. А, кога немаш моќ, од секој аспект, тогаш се помируваш со фактот дека „те дриблаат“ и се задоволуваш и со малку. Битно е да бидеш дел и веруваш дека со квалитетот и „ѕвездата“ ќе успееш да го свртиш вниманието кон себе. И да успееш, да победиш, за момент сите ќе те сакаат – а што после? Па речиси ништо...

„Нема шанси нашиот да победи, другите ќе ги фаворизираат своите. Немаме ние силно лоби“, е често размислување кај публиката која гледа ваков тип на емисии. Па можеби и немаме... Можеби едноставно не знаеме да се избориме за нешто повеќе. Сепак и за да се бориш, треба да добиеш шанса и да почнеш од некаде.

Но, одлични сме им за правење пари...

И тоа е тоа! На крајот, сè се врти токму околу парите. Нашите телевизии бираат што ќе емитуваат по профит-критериум. Образовниот аспект не постои. Умре. Телевизиите не се грижат дали на гледачите ќе им понудат квалитетна програма, туку дали имаат програма што им носи пари. Талент-емисиите не се грижат дали ќе ги исполнат сите услови кон натпреварувачите, туку колку ќе заработат. Парите се заедничкиот интерес, сè друго е во втор план.

Сè е тоа шоу-бизнис, ќе кажат искусните...Земи или остави! А токму тоа важи и за нашите телевизии и гледачите.

Објавено:
20 март 2015
Категорија: 
Актуел