Кокев го „наслика“ импресионизмот на колекцијата есен-зима

14 ноември 2013

Инспирирана од уметничкиот правец импресионизам и боите на француските сликари и основоположници  на овој вид сликарска форма, дизајнерката Тања Кокев синоќа во скопскиот хотел Александар Палас, претстави самостојна колекција за тековната сезона есен-зима. Колекцијата беше презентирана на интересна есенска сценографија од многу суви листови и гранки низ кои прошетаа манекенките во елегантни коктел фустани, лелеави здолништа и комбинезони.

Низ колекцијата провејуваа  кроевите во А линија, истакната половина како и шлицови и преклоп. Дизајнерката и овој пат го покажа својот препознатлив дизајнерски сензибилитет со употребата на цветниот дезен, тантелата и волуменозноста на дел од фустаните и здолништата. Нов чекор на Кокев, е употребата на материјали со потпис од дизајнерските имиња Валентино и Унгаро кои навистина се истакнуваа по својот пад, отсјај и дезен.

-Свесна бев што ме чека, односно знаев дека треба да вложам поголем напор за сопствена организација, но го сакав тоа и го реализирав. Се инспирирав од импресионизмот како сликарски правец  и мој омилен од 19-от век. Едноставно си играв со боите на Моне и Реноар и сите бои што можете да ги видите на нивните сликарски платна ги видовте и во мојата ревија. Материјалите се посебна приказна за себе, да работиш со Валентино и Унгаро е навистина голема чест и задоволство за мене, а оваа колекција ќе биде премиум, не само поради името туку пред се поради квалитетот и естетиката на дизајнот што го носат овие двајца креатори, изјавува Кокев.

Меѓу присутните гости беа поголем дел соработници на дизајнерката, пријатели, новинари, и естради имиња. Дел од нив за Fashionel ги споделија своите впечатоци од проследената ревија.

-Навистина ми се допадна целосниот концепт на ревијата како и креациите, ја сакам македонската мода, а како посебен сегмент од вечерва што ми остави впечаток беа материјалите, вели Берта Додевска.

-Од оваа колекција видов нешто сосема поразлично, но сепак препознатливо за дизајнерскиот сензибилитет на Тања и сметам дека оваа и е најдобрата до сега, рече  Иванна Хаџиевска Кошка.

Меѓу гостите сретнавме и пар блогерки кои исто така дадоа свое видување за колекцијата.

-Кокев покажа дека ја познава жената, а лично мене ме изненади со храброста да работи со повеќе бои и текстури и со острите кроеви. Материјалите износија добар дел од креациите, но и креациите си имаа своја тежина и се препознаваа оние карактеристични детали за Кокев како тенките колани и реверите, вели модната блогерка Александра Спасеска.

Во продолжение погледнете како изгледаа моделите, присутните и атмосферата од колекцијата есен-зима 2013/14 на ателје Кокев.

 

Објавено:
14 ноември 2013
Категорија: 
Актуел