Колекцијата на Александар Ванг за H & M предизвика вистинско лудило во Лондон!

7 ноември 2014

Новата колекција на Александар Ванг за H & M предизвика хистерично лудило низ улиците на Лондон, откако оваа среда беше изложена во нивната продавница во центарот на градот.

Откако еден ден претходно британските ѕвезди имаа можност да си ги одберат омилените парчиња на ѕвезденото презентирање на колекцијата во продавницата, конечно и обичните граѓани дојдоа на ред!

Она што особено „фасцинира“ е фактот што голем број момци и девојки, навидум зависни од парчињата на дизајнерот, ја поминаа ноќта пред продавницата со цел да бидат првите што ќе ги купат неговите парчиња специјално дизајнирани за шведскиот гигант.

За целата работа да биде уште поинтересна и притисокот за купувачите поголем, менаџерите на брендот одлучија на секој клиент да му дадат само 10 минути за шопинг со цел да не настане вистински хаос во продавницата, што на овој или на оној начин, постојано беше присутен.

Најпродаваното парче што го имаше во торбите на речиси сите Лондончани беше дефинитивно она наједноставното – кусата блуза со видно испишани WANG букви во предниот дел што можеше да се купи во сива и црна боја од кое сите беа тотално обземени.

Нешто што не смее да се заобиколи, а што беше дел од лондонското Александар Ванг лудило, беше фактот што мажите полудеа дури и повеќе од жените. Токму во нивниот оддел во продавницата, како што информираат тамошните продавачи, се случил вистински „масакр“ на парчињата.

„Буквално сѐ беше на подот! Во машкиот дел се случи вистински „масакр“, а во неколку наврати се случија дури и караници и турканици помеѓу момците“, вели младата Самер, дел од лондонскиот тим на H & M.

Навистина интересни, според видеата на кои бевме сведоци, беа и оние моменти на вистинска стратегија за купување што можеа да се наслушнат во редовите пред продавницата.

Но, крајниот резултат според изјавите на купувачите, беше дека речиси секој од нив потрошил во просек 400 долари, но многу ретко кој го имаше купено парчето облека по кое дошол.

„Иако бев тука од 05 часот изутринава, кога дојдов на ред да влезам, многу од работите што ги сакав беа купени. Успеав да си ја купам само сивата блуза со натпис, а сѐ друго купив колку што можев повеќе, поради тоа што имам можност да ги вратам ако не ми се допаѓаат во рок од три дена“, вели една млада девојка затекната пред продавницата.

Ова не е прв пат шведскиот гигант да предизвика лудило низ продавниците ширум светот. Речиси секогаш кога тие објавуваат некоја соработка со познат дизајнер со цел да ја зголемат продажбата и секако, да имаат финансиски бенефит од истото, се случува тотален хаос. Претпоследна во низата соработки со светски дизајнери, беше онаа со париската дизајнерка Изабел Марант кога кај клиентите на H & M ширум светот повторно се јави „потребата“ за дизајнерски парчиња, па предизвикаа турканици и истата беше продадена за само едно претпладне.

Од брендот постојано одбиваат да коментираат за бројки и колку за нив е значајна соработката со ваквите светски дизајнери, но и зошто постојано практикуваат лансирање на дизајнерски колекции, откако изминативе години нивната продажба значително опадна за разлика од групацијата Индитекс.

Соработката со Александар Ванг за брендот ќе биде 14 – та по ред по започнувањето на ваквата пракса во 2004 – тата година, кога прв гостин – дизајнер им беше големиот Карл Лагерфелд.

Објавено:
7 ноември 2014
Категорија: 
Актуел