Колку часови на разубавување потрошила Хилари Клинтон во борбата со Трамп?

27 септември 2017

Хилари Клинтон беше првиот женски кандидат за претседател на САД, а тоа со себе носи константно медиумско внимание, во што и се уверивме сите.

А кога некој е толку јавно изложен, не може да не се коментира и неговата физичка појава. Во текот на кампањата честопати беше коментиран нејзиниот стил, каде доминираа оделата со панталони, најчесто во боите на американското знаме.

Хилари ја имаше поддршката од речиси цела модна сцена, но и тоа не ѝ успеа да стане првиот женски претседател.

Како и да е, и месеци после кампањата, медиумите сè уште се навраќаат на нејзините јавни појавувања, а посебно внимание привлекоа и нејзините мемоари, обединети пдо името „What Happened“.

Хилари таму открива колку внимание посветувала на негата и убавината во тој период од животот.

„Никогаш не се навикнав до крај на тоа колку труд е потребно само за да бидеш жена во фокусот на јавноста. Еднаш пресметав колку часа сум потрошила средувајќи ја косата и шминката, во текот на кампањата. Резултатот е околу 600 часа или 25 дена. Се шокирав, морав да ја направам пресметката уште еднаш, за да се уверам дека тоа е навистина така“, пишува Клинтон.

Таа потенцира дека времето поминато на фризер или шминкер, се потрудила да го искористи продуктивно, но сепак жали за изгубените часови, кои нејзиниот машки противник ги искористил за некои други нешта.

„Не сум љубоморна на моите машки колеги, барем не често, но кога се работи за средувањето – ќе се истушираат, избричат, облекуваат костум и готови се – тогаш сум. Неколку пати излегов во јавност без шминка и тоа беше вест“, додава Хилари во мемоарите.

Пред нејзиниот сопруг, Бил Клинтон, да стане гувернер, несудената претседателка на САД вели дека ретко носела шминка. Како дел од начинот да ги убедат гласачите дека таа може да биде традиционална прва дама, Клинтон ги заменила очилата со леќи, ја сменила облеката и почнала да се шминка.

Претседателот Трамп своевремено изјави дека не е импресиониран од изгледот на неговата противничка, а Хилари неколку дена по изборите, на еден хуманитарен настан се појави речиси без шминка.

„Се надевам дека во иднина жените ставени под будното око на јавноста нема да мораат да носат шминка, доколку не сакаат и дека тоа никому нема да му е важно“, вели Хилари.

Инаку, една неодамнешна студија покажа дека жените на годишно ниво посветуваат 355 часа или две недели на својот изглед.

Објавено:
27 септември 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
379 пати