Конечно: Шопингот станува лесен и за мажите!

10 јули 2014

За голем дел од жените (или во превод – за сите), шопингот е најомилената активност на светот! Но, тоа воопшто не е така за мажите, секоја чест на исклучоците се разбира.

Многу често, она што можеме да го чуеме од нив е дека изборот на облека за жени е огромен, додека изборот на облека за мажи се сведува на многу малку модерни парчиња, а уште помалку квалитетни. Конечно, дојде денот кога мажите сами ќе можат да одлучат и да креираат што сакаат да носат.

Додека овој благодет за мажите не дојде кај нас, ви ја претставуваме неверојатно креативната и инспиративна продавница Acustom Apparel од Њујорк или новото омилено место на мажите.

Основачот на продавницата Џамал Мотлаг, вели дека ја создал продавницата и поволностите во истата за да им овозможи едно ново, поинакво шопинг искуство на мажите.

„Нашата цел е да создадеме брендирана, луксузна продавница каде сите мажи ќе можат да си го најдат она што им одговара, односно истото да го создадат заедно со нас“, вели Џамал.

Во продавницата на Џамал, сите мажи можат да го најдат буквално секое парче што го сочинува машкиот плакар, а што е најдобро од сѐ, токму таму, сами можат да си го изберат материјалот, бојата, формата и големината на она што го сакаат на лице место, а тамошните дизајнери ќе го направат тоа за нив.

Она што е особено интересно и е дополнителна олеснителна околност е тоа што продавницата му овозможува на секој купувач да погледне во 3Д скенер како ќе изгледа креацијата, но и тој самиот да учествува во дизајнерскиот процес.

На пример, ќе влезете во продавницата и ќе посакате нов костим. Откако ќе се одлучите за стилот со личен стилист, потоа можете да ја одберете бојата, формата, видот на џебовите, големината, конецот со кој ќе се шие итн.

„Не е сѐ во големината и тоа како ви стои парчето. Ние имаме стилисти што ќе ве водат низ целиот процес, низ секој дел од него. Тие ќе ви сугерираат и ќе ви помогнат да го одберете најдоброто и она што најмногу ви се допаѓа и од што ќе биде направено парчето што си го одбравте“, вели Џамал.

Откако ќе се одлучите за конкретниот модел, за да се реализира нарачката ќе бидат потребни од три до седум недели.

Сигурно се прашувате колку чини ваквото задоволство, па ќе ви посочиме дека цените на фармерките почнуваат од 225 долари, а панталоните околу 150. Кошулите чинат околу 179 долари, додека цената на костимите почнува од 600 американски долари.

„Со оглед на тоа што сме нови во бизнисот, во моментов сакаме да поминеме што е можно повеќе време со нашите клиенти за да видиме какви се нивните барања и како реагираат на нашите услуги. Потоа сакаме да отвориме и повеќе продавници, можеби и поп – ап или продавница во продавница“, вели за крај креативниот Џамал.

Објавено:
10 јули 2014
Категорија: 
Актуел