Креациите на Росица Мршиќ наскоро достапни и во Macy's

16 јуни 2015

Rosica1

Нашата дизајнерка Росица Мршиќ продолжува успешно да се пробива на странскиот пазар. После соработката со американската онлајн платформа 19th Amendment, нејзините креации наскоро ќе бидат достапни на онлајн страната на познатиот синџир на стоковни куќи Macy’s.

- Исклучително  сме среќни што нашата соработка со докажаната македонска дизајнерка Росица Мршиќ вроди со плод. Имено, со  Росица започнавме да работиме во декември изминатата година. Бевме задолжени за пласман на нејзините производи на е-комерц сајтови, како и водење на нејзините социјални медиуми. Еден од сајтовите каде ја пласиравме беше и 19th Amandement, со кој имаме одлична соработка, кој пак соработува со Macy's и нивната нова програма, Emerging designers. Росица беше одбрана од Macy's како млад и надежен дизајнер – изјави Мери Ванчовска од ПР-тимот на Bastet Noir, каде првично можеа да се најдат креациите на македонската дизајнерка, а и сè уште се достапни.

Тие додаваат дека токму ваквиот начин на соработка е новото што тие го вклучуваат во својата понуда.

- Ние од неодамна започнавме да нудиме ПР услуги наменети за модни дизајнери. Овие услуги вклучуваат водење на социјални медиуми, пласман на нивните производи на е-комерц сајтови надвор од рамките на „Бастет Ноар“, пласман по медиуми и ПР шоуруми. Конкретно, ПР услугите се ориентирани за пласман на американскиот пазар, меѓутоа за секој дизајнер се изготвува посебна стратегија во зависност од тоа каде сака да ги пласира своите производи и кој пазар го гледа како потенцијален – објасни Мери.

Креациите на Мршиќ како независен дизајнер на macys.com ќе се најдат од есенва.

Објавено:
16 јуни 2015
Категорија: 
Актуел