Лејди Гага искрено за „демоните“ во животот во интервју за Вог

11 септември 2018

Лејди Гага деновиве е во центарот на вниманието со промоцијата на новиот филм „A Star Is Born“ во кого глуми заедно со холивудскиот убавец Бредли Купер.

Таа осамна и на насловната страница на магазинот Вог фотографирана од познатата фотографска двојка Инез и Винод, а во интервјуто говори за целата деценија создавање музика, за нејзиното шоу во Лас Вегас, за новиот филм и за страшните сеќавања на силувањето на 19 години.

На прашањето дали денеска е среќна, таа ќе рече „да“ и ќе појасни дека се фокусира на работите во кои верува и дека секојдневно се предизвикува себеси.

„Ова е интересно време во мојот живот. Транзиција. Измина цела деценија. Добиваш нови пријатели, губиш пријатели, ги зацврстуваш врските со луѓето кои ги знаеш целиот свој живот“, вели пејачката и актерка.

Новиот филм кој го режира самиот Бредли Купер е нешто што целиот свет го очекува, а големиот Шон Пен ќе каже дека ова е најдобриот, најважниот комерцијален филм направен во последните години со актери кои се неверојатни и кои е сигурно дека ќе бидат номинирани за многу награди.

Популарната пејачка говори и за разните болести со кои се соочувала во текот на кариерата и открива дека сега има одличен тим на доктори и дека никогаш не се чувствувала подобро.

Таа подготвува нова музика, во одлична врска е со нејзиниот менаџер Кристијан Карино, наскоро оди и на турнеја, а во исчекување на нејзиниот нов филмски хит, погледнете ги одличните фотографии од магазинот.

 

Објавено:
11 септември 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
296 пати