Летните куфери на Fashionel за Exit 2014

1 јули 2014

За помалку од десет дена не' очекува уште една возбудлива музичка авантура која по петнаесетти пат ќе ги сплоти сите урбани уживатели на квалитетните музички битови под знамето на Exit 2014.

Годинава програмата на еден од најдобрите европски фестивали е поделена во два сегменти: од 10. до 13.  јули Exit уште еднаш ќе ја освои Петроварадинската тврдина во Нови Сад, а потоа  следува и Си Денс Фестивал (Sea Dance Festival) кој од 15. до 17.  јули за прв пат ќе се одржи на плажата Јаз, една од најубавите плажи на Јадранот.

Претстојните летни случувања беа доволно инспиративни да не' поттикнат да размислуваме што ние би спакувале во летниот куфер за еден од најпрестижните летни фестивали на отворено. Сакаме да бидеме урбани, гордо да го носиме печатот на индивидуализмот, а истовремено да се чувствуваме удобно кога ќе уживаме во музиката на нашите омилени артисти.

Во продолжение, девојките од тимот на Fashionel  со вас ги споделуваат омилените летни парчиња комбинирани во урбани варијанти одбрани за еден незаборавен ден под небото на Exit.

Јулија Илијевска: Лежерна комбинација со урбана нота

Оваа летна фестивалска комбинација е составена од кратки тексасни панталончиња, кои се искомбинирани со бела маичка без ракави. Маичката од предната страна е изработена од дезениран пуплин, додека задната страна е од транспарентен материјал со животински дезен, што ја прави интересна, динамична и необична. Карираната кошула во светли бои ѝ дава фестивалска нота на комбинацијата, а изборот на кафени сандали со полна пета и ремен во бохо стил одлично го надополнуваат изгледот. За крај, тука е и малата црна ташничка, каде можете да ги ставите основните работи.

 

Марија Мечева: Колорна градација во пруги и моторџиски чизми

Спој помеѓу монохроматика и колорна скала во пруги. Кратките панталони-комбинезон се комбинирани со маичка без ракави во различни тонови на вилоетовата боја. Изгледот е надополнет со сламен шешир и „авијатичарки" што истовремено ја вршат заштитната функција од јулското сонце, а од друга страна се урбан додаток за впечатлив изглед. Колорната скала на стајлингот е збогатена и со мини чанта во ментол зелена боја, додека моторџиските чизми со странични отвори ја гарантираат удобноста за време на долгите и незаборавни фестивалски денови.

 

Слободанка Марковачева: Две комбинации во кежуал и шик  бохо стил

Опуштените кроеви од лежерните и трендовски парчиња се основната база за фестивалската мода. Токму такви две комбинации со вибрирачки бохо и хипи стил се застапени од двата стајлинзи сочинети од трендовски парчиња со блага ретро нота. Тексас елеците се вистински бум периодов, а од конкретниот стајлинг тој е надополнет со кратко глок здолниште со висок струк во црна боја, кое пак дополнително се нагласува од спојот со кратката бела топ маичка. Втортата комбинација исто така е спој од беж елек, но овојпат со актуелните реси, надополнет со кежуал рамбовка во малинеста нијанса и кратки црни панталони. За да се издржи многу играње и долга забава, двата предлог стајлинзи се заокружени со рамни обувки. Од првата тоа се култните старки, додека од втората тоа се модел на рамни сандали во вид на летни отворени чизмички  во маслинеста нијанса. Накитот секако е неизоставен дел за ваквите изгледи, а предлогот се состои од ѓердани со синџирчиња, прстени, кожени и метални алки,часовник и секако задолжителните очила за сонце.

 

 Александра Накова: Едноставна, весела и удобна летна комбинација

Долгите здолништа се вистински хит во лето, а воедно и за летните фестивали. Така, оваа комбинација е составена токму од долго здолниште попрскано со многу бои, што оддава впечаток на разиграност, свежина и делумно уметничка нота и маичка на прерамки во пастелно зелена нијанса. Кога се обувките во прашање, сандалите во бохо стил во црвена боја се одличен избор. Во оваа едноставна комбинација ќе се чувствувате удобно и лесно, а сепак, поради изборот на бои и дезени ќе бидете впечатливи.

 

Александра Маневска: Шармантна и романтична комбинација со блага доза на колорит

Романтичниот бел фустан е сѐ што ви треба за авантурата наречена Exit! Покрај тоа што е ултра тренди оваа сезона, тој е толку удобен што ќе ви овозможи да се движите во фестивалскиот ритам без проблем. Комбинацијата надополнете ја со шик сандали во нежно розова боја со светкав преден дел. Што се однесува до модните додатоци, одберете мала чантичка во бела боја, колоритно бохо ланче, очила за сонце со сини рамки и за впечатлива завршница на комбинацијата – интензивен розов кармин!

 

Сара Сековска: Бохо варијанта за тотална слобода

Колоритното бохо фустанче со интересен дезен и урбани детали ќе ви овозможи тотална слобода и непрестајно танцување низ сцените на Exit! Комбинирано е со антилоп сандали со ремчиња што одлично се согласуваат со боите и стилот на фустанот. Очилата за сонце во кружна форма ќе и дадат дополнителен шик изглед  на целата комбинација, а шеширот во крем боја, покрај тоа што ќе ве заштити од сончевите зраци преку ден, ќе направи да бидете вистински впечатлива Exit дива на годинешното издание!

 

Бојана Нојиќ: Кежуал комбинација на два актуелни трендови

Тексасните парчињата се идеални за комбинација, а во конкретниот случај ви посочуваме стајлинг кој соединува  кратко џинс здолниште со краток црн топ, впечатлив ѓердан и сандали кои се спој на црната и златна боја. Стајлинг кој нуди сензуалност и комформност истовремено – идеален аутфит за уживање на летните фестивали.

 

Кристина Јовановска: Урбани и трендовски вибрации во италијански стил

Креативната енергија со која пулсира фестивалот Exit, има моќ да го нагласи вашиот слободен дух и да ја разбуди вашата модна фантазија. Одберете бел краток фустан на прерамки со впечатлива панделка на грбот и широко здолниште кое ја нагласува половината. Можете да комбинирате и некој ултра модерен ремен за уште поинвентивен изглед. Шапката која е must have парче за секоја летна сезона нека биде во италијански стил на бела основа украсен со сина лента. Со ова комбинирајте мала плик чанта која ќе може да ја носите на рамо во контрастна сина, црна и бела нијанса и едноставни балетанки за урбан и трендовски финиш. Сосема за крај не заборавајте ги очилата за сонце и кармин во интензивна портокалова боја.

 

 Соња Кутузовска: Црвените старки се Rock'n'Roll класика за секој урбан фестивал

Удобноста пред се' е основен предуслов за тотално опуштена забава на летен фестивал на отворено. Оваа комбинација се води токму според ова правило. Кратки џинс шорцеви во комбинација со памучна бела маичка, нудат безброј варијанти за понатамошно збогатување на изгледот со детали. Во случајов е направен безвременски избор: култните црвени старки кои се апсолутно незаменлива Rock'n'Roll класика и минималистички обетки со украсни камчиња.

Објавено:
1 јули 2014
Категорија: 
Актуел