Лошата репутација ја уништи „Маркеза“

10 јануари 2018

До неодамна не можеше да се замисли црвен килим без макар една креација на „Маркеза“, но на последното издание на „Златен глобус“ немаше ниту една ѕвезда, па макар и некоја во подем, облечена во парче од овој бренд.

Тоа повторно ги отвори прашањата околу егзистенцијата на брендот.

За оние што можеби не знаат, на чело на брендот се наоѓа дизајнерката и косопственичка на „Маркеза“, Џорџина Чепман, која воедно е, сега веќе поранешна, сопруга на режисерот Харви Вајнстајн.

Лошата репутација како резултат на секс-скандалот во кој централно лице е режисерот, се одразија силно и врз работата на неговата некогашна сопруга.

Зад кулисите се зборуваше дека Џорџина за својот успех може да му заблагодари на сопругот и неговите контакти. „Холивуд Репортер“ објави дека Харви дури принудувал некои од актерките да носат креации од неговата сопруга, меѓу кои била и Фелисити Хафман.

Сиена Милер во 2007 носеше „Маркеза“ на „Златен глобус“, како и Џенифер Лопез, која и на „Оскарите“ носеше креација од истиот бренд. Сандра Булок на „Оскарите“ во 2010, како и Оливија Спенсер лани беа дел од ѕвездите кои ја одбраа оваа куќа.

За потсетување, кога се појавија првите обвинувања, таа изјави дека го поддржува сопругот, за по неколку дена да каже дека се разведува од него. Веројатно ни таа не очекувала дека приказната ќе земе таков замав.

Сиена Милер, 2007 во „Маркеза“

Ако тогаш модните стручњаци се прашуваа дали и како ќе се одрази тоа на работата на брендот, сега со отсуството на важни настани на кои претходно доминираше, одговорот е јасен – „Маркеза“ нема иднина, барем не со Чепман на челната позиција.

Тука веќе не се работи само за финансиската моќ, ударот доаѓа и од морална страна.

Ќе видиме дали нешто ќе се смени за претстојните „Оскари“, но сигурно е дека поради Вајнстајн пати и овој бренд.

Чепман одамна не се обратила на медиумите, ниту пак се познати идните планови на модната куќа, основана во 2004 година, а чија вредност минатата година беше проценета на 20 милиони долари, што е ситно во споредба со богатството на Вајнстајн кое се проценува на 300 милиони.

Објавено:
10 јануари 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.735 пати