„Луј Витон“, Мерил Стрип и Ема Стоун домаќини на следната Мет гала

8 ноември 2019

Секој прв понеделник во мај е резервиран за Мет галата. Модните Оскари, како што честопати знаат да ја наречат оваа манифестација, е всушност вовед во отварањетона големата модна изложба во Метрополитен музејот во Њујорк.

Секоја година, настанот е со различна тема, во контекст на која, познатите одбираат што ќе носат. Светските модни медиуми веќе ја пренесоа темата за Мет гала 2020 година, која гласи: About time: Fashion and Duration („За времето: Мода и времетраење“).

Домаќини следната година ќе бидат модната куќа „Луј Витон“ односно Никола Геские, актерките Мерил Стрип и Ема Стоун и секако Ана Винтур.

На изложбата пак, ќе бидат поставени преку 150 модни креации кои покриваат еден и пол век модна историја, и според кураторот Ендрју Болтон, поставката ќе биде „преиспитување на историјата на модата – фрагментирано, наизменично, хетерогено", односно темата ќе претставува временско патување на модата.

Интересно ќе биде да се види ѕвездата на „Ѓаволот носи Прада“ рамо до рамо со Ана Винтур, за која ѝ е направен филмот, односно улогата на Мерил Стрип - Миранда Присли.

Со нетрпение го очекуваме новото издание.

 

Објавено:
8 ноември 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
458 пати