Магазинот Elle е основан во 1945 година во Франција. Тоа значи дека веќе 70 години постои и за ова време стана еден од највлијателните модни магазини. Американското издание пак слави 30 години постоење. По повод 30-тиот роденден, магазинот за септемвриското издание го приготви и додатокот The Elle Look, што вклучува фотографии од 30 модни дизајнери со нивните музи.

Покрај фотосесијата, зад која се потпишува Макс Вадукул, дизајнерите имаа за задача да кажат што или кој ги инспирира и зошто, како и да дадат дефиниција на современата Elle  жена.

Инаку, Elle има 43 интернационални изданија во повеќе од 60 земји. Исто така, има и 33 сајтови.

Статистиките од пред некоја година велат дека сите сајтови имаат преку 25 милиони посетители и преку 370 милиони прегледани страници месечно. Нивната публика се најчесто жени помеѓу 18 и 49 години. Првото интернационално издание на Elle е лансирано во Јапонија во 1969 година. Следни се САД и Британија, кои свое издание добиваат во 1985 година. Следната година магазинот за првпат се издава и во Шпанија. Во 1987 година собира читателска публика во Хонг Конг и Италија, а следната година во уште шест земји – Германија, Бразил, Кина, Шведска, Грција и Португалија. Elle изданија има и во Холандија и Квебек, како и во Австралија, Тајван, Русија, Србија.

Во рамки на текстот, ви ја презентираме роденденската фото-сесија на дизајнерите со музите и нивните изјави:

Џорџо Армани и Карлина Куркова

-Влетав во модата сосема случајно. Имав можност да ја искажам и поставам мојата визија и стил, креирајќи облека што ќе смени ставови на голем број луѓе и ќе направи да се чувствуваат добро во неа. Каролина беше и остана една од моите омилени манекенки, затоа што спаѓа во групата на жени што не ја носат само облеката, туку ја интерпретираат на свој начин, давајќи ѝ моќен став.

Сара Бартон, креативен директор на Александар Меквин со моделот Стела Тенант

-Elle стилот е силен и автентичен. А Стела е мојата муза бидејќи ја претставува безвременоста на стилот и убавината. Ѕидовите на нашето студио се цели облепени со нејзини фотографии. Тоа ви кажува колку ја сакаме.

Мајкл Корс со Алесандра Амбросио

-Во последните 30 години, гледавме како модните кодови се кршат. Денеска, правила не постојат. Патики за работа, панталони за навечер, но тоа е она што мене ми се допаѓа. А кога е во прашање Алесандра, таа секогаш изгледа прекрасно. Дали кога оди на аеродром, дали кога шета со децата, или лежи покрај базен, секогаш е нова.

Џејсон Ву со моделот Стефани Сејмор

-Еlle Look значи неверојатно моќна, самоуверена жена, која секогаш размислува нанапред кога е модата во прашање. Стефани Сејмор е токму тоа: моќна, единствена. Таа е моја непресушна инспирација и модел кој го обожувам уште од мал. Таа е жена која на облеката секогаш ѝ дава доза на гламур и неочекувана убавина.

Каролина Херера со актерката Гугу Мбата – Рау

-Ми се допаѓа тоа што модата не може да биде дефинирана. Нејзината „лудост" е мистерија сама по себе. А убавината на Гугу, во комбинација со нејзиниот талент и прекрасната личност ја прават совршена Херера жена.

Дајан фон Фурстенберг со актерката Алисон Вилијамс

-Elle е шик и интелигентен... Elle ја разбира денешната потреба да ги комбинираме брендовите што може секој да си ги дозволи со луксузните брендови. Elle ја прави облеката секогаш гламурозна и скапоцена, а пак пристапна. Мене лично секогаш ме инспирирале жени, а Алисон е совршена припадничка на својата генерација. Девојка која има изграден стил и моќен став.

Дона Каран со ќерката Габи Каран де Фелис

-Модата веќе не е толку важна. Важно е како ви се облекувате себеси. Вие стега сте дизајнери и вашиот стил привлекува далеку повеќе внимание од самата мода. Кога Габи ми ја крадеше облеката како тинејџер, таа секогаш им даваше неочекуван изглед. Сега ги носи моите парчиња со леснотија и грациозност. Но, во сите нив прво ќе ја видите Габи.

Албер Елбаз, кретативен директор на Ланван со неговиот дизајнерски тим

-Повеќе се чувствувам како диригент на оркестар – оркестар кој произведува облици, волумен и бои. Мојот тим е мојот оркестар, мојата инспирација.

Викторија Бекам со моделот Александра Елизабет

-Еlle е вашиот личен печат. Тој не диктира мода, па ниту стил. Тој ве повикува да бидете иновативни, креативни и забавни. Тој е токму тоа – забавна игра со стилови.

Долче и Габана со моделите Ромона Мацоти и Барбара Казоне со нивните деца

-Жените секогаш биле важен дел од нашата инспирација. Тие се централниот дел во нашиот свет. Сакавме да им оддадеме почит на сите жени што се и мајки. Да оддадеме почит на уникатноста, безусловната и бесконечна љубов, сила и поддршка што ни ја даваат секој ден, во секој тип на семејство. La Mamma е секогаш la mamma!

Објавено:
17 август 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
436 пати