„Магбет“ на Верди ќе го означи стартот на 43. Мајски оперски вечери

7 мај 2015

Оваа сабота со почеток во 20 часот со премиера на операта „Магбет“ од Џузепе Верди ќе биде означен официјалниот старт на годинешните, 43 – ти Мајски оперски вечери.

Честа да бидат дел од операта со која ќе биде отворена свечената манифестација, им припадна на едни од најдобрите македонски солисти Весна Ѓиновска – Илкова и Борис Трајанов, заедно со Владимир Саздовски и Марјан Николовски под диригентската палка на Џанлука Мартиненги од Италија.

Режијата на една од најдобрите опери на сите времиња му припадна на исклучително талентираниот и познат италијански режисер Марко Спада кој им се заблагодари на директорите на МОБ за поканата да работи на овој прекрасен проект.

„Проектот беше остварен за многу кратко време, но можеби кога понекогаш имаме малку време за остварување на идеите, тие се реализираат многу подобро. Да се режира „Магбет“ е секогаш предизвик, бидејќи трагедијата на Шекспир ни нуди многу стимули. Таа е и класична и барокна трагедија во исто време. Барокна, бидејќи го опфаќа светот на вештерките од другиот свет, а класична бидејќи зборува за настани што секогаш се присутни во човечката култура и историја“, изјави на денешната прес конференција режисерот Спада.

Директорот на МОБ Дејан Прошев со особена гордост го најави и гостувањето на најголемата светска ѕвезда, сопранот Даниела Деси од Италија која во моментов е најбараната оперска дива од сите големи оперски куќи во светот.

„На прагот сме на 43. Мајски оперски вечери, фестивал што опстојува и расте и покрај сите технолошки новитети кои се појавија во овој динамичен свет. Опстојува повеќе од 420 години, од првата претстава „Дафне“ на Јакопо Пери во далечната 1594 – та година, па сѐ до најновата премиерна продукција на „Магбет“. Ќе завршиме традиционално, со грандиозната „Аида“, а секако не смееме да не ги споменеме и „Травијата“, „Адријана Лекуврер“, „Симон Боканегра“, како и ремек делото на балетската класика „Лебедово езеро“, изјави денеска директорот Прошев.

Уметничкиот директор на МОБ Ѓорѓи Цуцковски посочи дека и оваа година стартот на Мајските оперски вечери ќе биде официјално означен со палење на фестивалскиот оган, а честа да го стори тоа оваа година ќе ја има оперската примадона Милка Ефтимова.

Билетите за годинешното издание на Мајските оперски вечери можете да ги набавите на билетарницата на оваа установа, а цените на истите почнуваат од 400 денари во галерија, па сѐ до 800 денари за ВИП ложа.

Објавено:
7 мај 2015
Категорија: 
Актуел