Мајски оперски вечери: Црно-белите комбинации доминантни на црвениот килим

10 мај 2018

Македонската опера и балет беше местото каде што вчера се собраа љубителите на класичната музика и операта, да го отворат 46. издание на Мајските оперски вечери.

Во улога на домаќин беше в.д. директорот на МОБ, Ќазим Асотиќ, кој им посака топло добредојде на сите гости. Меѓу присутните беа лица од музичката фела, новинари, љубители на уметноста, но и политичари.

Честа да го запали оперскиот оган ја имаше првенката на Операта, Весна Ѓиновска-Илкова.

Имајќи предвид дека се работи за манифестација со долга традиција, секој од присутните на свој начин, сфаќање и познавање се обиде да придонесе за отворањето на Мајски оперски вечери да добие нота на свеченост, па дури и гламур.

Сигурните комплетно црни или црно-бели комбинации доминираа меѓу дамите. Сепак, дел се одважија и со комбинации во боја (црвена, жолта, сина) или со принт. Кај мажите пак, доминираа темни одела.

Сепак, дел од мажите се појавија во комбинација панталони-кошула. Колку и да не сте љубител на палта, официјален дрес-код, вратоврски... постојат настани каде што едноставно не постои место за компромис. Тоа што се кошулите со кратки ракави на пример кај мажите, тоа беа фармерките кај жените.

Во контекст на генералниот бон-тон, тешко ни оди доаѓањето на време, па речиси третина од гостите дојдоа дури 15 минути подоцна од почетокот на изведбата на операта „Боеми“ од Пучини.

Задоволството од тоа што традицијата на Мајски оперски вечери продолжува изрази и в.д. директорот Асотиќ.

„Ја имаме честа да продолжиме долга и вредна традиција и ветуваме дека тоа ќе го правиме на најдобар можен начин. Сите перики, костими, декор и реквизити за „Боеми“ беа изработени во нашите работилници и од наши мајстори, што е огромен успех за нашата куќа, рече Асотиќ.

Инаку, операта „Боеми“ се враќа на сцената на МОБ по пауза од 11 години. Режисер на обновената премиера е  Дејан Прошев, диригент Џанлука Мартиненги од Италија. Во улогите се 12 оперски солисти, а настапува хорот и оркестарот на МОБ, а изборот воопшто не е случаен. Имено, тимот на МОБ и Мајски оперски вечери подготви прекрасни доживувања за љубителите на уметноста под мотото #ГоСлавимеПучини, а по повод 160-годишнината од раѓањето на безвременскиот мајстор на операта.

Така, во рамки на програмата која ќе биде поделена во два дела, официјална и „оф програма“, покрај „Боеми“, ќе бидат изведени уште четири оперски изведби („Тоска“12.05, „Турандот“ 19.05, „Змејот од Босна“ 22.05 и „Аида“ 31.05) и  2 гала концерта (Балетски бисери 15.05 и Puccini&Rossini 23.05). Во оф програмата  се тематските изложби,  #retrOpera,  ретроспективнта изложба на Васе Урдин и „Почетоци“ , промоцијата на монографијата за Зина Креља и одбележување на јубилејот – 100 години од раѓање  на Данка Фирфова.

Во продолжение погледнете дел од вчерашната атмосфера и гости:

 

Објавено:
10 мај 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
7.673 пати