Македонија стана членка на Европски Моден Совет

23 мај 2014

Неделава Европскиот Моден Совет ја прослави седумгодишнината од своето постоење како и проширувањето на советот со нови три држави членки на европско ниво. Новите земји што се дел од програмата на модниот совет се Португалија, Црна Гора и Македонија која воедно е 22-та членка која се приклучува кон модната унија. ЕМС е невладина организација авторизирана да го застапува поширокиот европски дизајн, а секоја земја членка е примена под строга селекција. Секоја земја  дел од европскиот совет има свој застапник односно организација која  стои зад домашните дизајнери и модната сцена. Моден репрезент и апликант за учевство на Македонија, е организаторот на Моден викенд Скопје, од каде велат дека бенефитите од членството за македонската модна сцена, очекувано е да бидат големи.

-Годинава Модна недела корпорација (организатор на Моден викенд Скопје и други модни настани ) по подолг период од аплицирањето за влез во Модниот совет на Европа конечно од мај 2014 официјално стана членка.  Причината за долгото исчекување да станеме дел од „модното јато“  е и поради тоа што Советот кој во моментов вбројува 22 членки меѓу кои и Австрија, Белгија, Данска , Шведска и Холандија , врши строга селекција при приемот на нови членки, особено поради тоа што само една модна организација може да ја претставува државата. Бенефитите од членството за нашите дизајнери и македонската модна сцена можат да бидат големи , со размена на идеи и искуства, а меѓу другото и поради тоа што дизајнерите од една држава се во можност да ги презентираат своите колекции во некоја друга држава членка на Модниот совет на Европа. Наскоро ќе ја воведеме и кај нас истата пракса, нашите дизајнери да патуваат со своите колекции во странство, а странските имиња да гостуваат на нашиот Моден викенд, со цел да ја презентираме македонската сцена надвор од нашите граници, објаснува за Fashionel Марија Илиќ.

Организацијата ЕМС  е формирана во месец мај 2007  во Пловдив-Бугарија , а официјално е регистрирана дека постои од август 2007. Досегашни членки на ЕМС се: Австрија, Белгија, Данска, Естонија, Унгарија, Романија, Албанија, Босна и Херцеговина, Норвешка, Украина и други. Исто така Европски Моден Совет е 16-та подобна организација со одобрен статус и преку UNESCO конвенцијата за унапредување на разноликоста на културните изразувања.  Раководството на ЕМС го има  претседателката Надја Валева која воедно е и основач на советот, но и претседател на Националната Модна комора на Бугарија.

Надја Валева Надја Валева

 

Приоритетните цели за кои се залага Европскиот Моден Совет се бројни и содржат, интеграција и толеранција во соработката меѓу различните европски модни индустрии, популаризација и поддршка на модата од државите членки, развој и размена на идеи  меѓу бизнис круговите.  Се на се, Македонија и модната фела според новото членство треба да очекува низа соработки, размена на искуства, заштита на авторски права, поддршка на академиите што имаат модни образовни кадри и уште неколку значајни фактори кои се надеваме ќе донесат некаков нов позитивен моден бран кај нас. Инаку, лицата кои се ангажирани во активностите на ЕМС се активни на волонтерска основа.

Објавено:
23 мај 2014
Категорија: 
Актуел