Македонија втор пат најлошо облечена на „Евровизија“

21 мај 2018

Досега се шпекулираше, а сега е и официјално - претставниците на Македонија на „Евровизија“, „Ај Кју“ ја добија наградата „Барбара Декс“ од евровизиските фанови за најлошо облечени на годинашното издание. Претходно ја добивме во 2005 година, кога нè претставуваше Мартин Вучиќ.

Инаку, само Србија и Македонија се земјите што успеаја дури по два пати да бидат прогласени за најлошо облечени. На Србите тоа им успеа во 2010 и 2013 година, кога претставници беа Милан Станковиќ, односно групата „Моје 3“.

Во топ 5 најлошо облечени годинава се најдоа и претставниците на Израел (5), Црна Гора (4), Белгија (3) и Австралија (2).

„Македонија не изгледаше толку лошо, но чудно да. Според мене Црна Гора и Австралија беа полоши“, „Барем во две работи Македонија е добра - да се добие ваква награда два пати и секоја година да се има најлош сценски настап. Импресивно, но не на добар начин“, „Правилна одлука... Македонија беше убедливо најлоша. Недостасуваше вкус и едноставно беше грдо“, „Ми се допаѓа Марија, но навистина, и двата стајлинга беа лоши, па мораше таа да ја добие „Барбара Декс наградата оваа година“, „Не е фер, но Македонија беше комплетно уништена годинава... Имаа одлична песна, костимите не беа добри, особено вториот, но мислам дека имаше и далеку полоши стајлинзи“, „Сами ја уништија и изведбата. Сакав да поминат подобро, но оваа година навистина сами се виновни. Следната година би направил сè спротивно на ова што се случуваше годинава. Македонија има ужасен вкус, но за донесување одлуки“, ова се само дел од коментарите што се појавија на социјалните мрежи и по странските портали што ја објавија оваа вест.

Има и такви коментари кои велат дека „Барбара Декс“ наградата е сурова и дека не е фер да се додели било кому, додека други велат дека оценувањето на стајлинзите е забавно.

За потсетување, за изгледот на нашите претставници годинава се погрижи стилистката Милена Танаскоска, а зад креациите во кои настапи Марија се потпишува младиот дизајнер Алек Бимбиловски.

Инаку, оваа награда е наречена по претставничката на Белгија од 1993 година, Барбара Декс, која тогаш беше прогласена за најлошо облечена учесничка на „Евровизија“.

 На прашањето во интервју за „Евровизија тв“ од 2008 година, што мисли за наградата со нејзино име ќе каже:

-Од оваа перспектива воопшто не ми е гајле. Сега се смеам, иако пред 15 години секако не ми беше сеедно. Кога се натпреварував во 1993 година, тогаш бев четврта година на дизајн на облека и сама го креирав и создадов фустанот што го носев. Дали би го носела повторно - не, затоа што времињата се менуваат. Можеби фустанот навистина не беше најдобар или најубав, но во основа, не треба да се работи за костимот или настапот, песната треба да биде пред сè - објаснува Барбара.

Барбара Декс денес, фото извор: www.barbaradex.be;

И покрај ова, за „Евровизија“ ја врзуваат убави спомени. Тоа е нејзиното прво телевизиско појавување, и воедно настап од такви размери. После музичката манифестација,нејзината кариера ќе тргне во нагорна линија, па нема причина за лоши сеќавања.

 Во продолжение погледнете ги најлошо облечените од 2000-та до сега:

 

2000 - Белгија

 

2001 Полска

 

2002 Грција


2003 Русија


2004 Романија


2005 Македонија


2006 Португалија


2007 Украина


2008 Андора


2009 Унгарија


2010 Србија


2011 Грузија


2012 Албанија


2013 Србија


2014 Литванија


2015 Холандија


2016 Хрватска


2017 Црна Гора


2018 Македонија

 Инаку, претходните години постоеше и „Vision Music Awards“, со која беа наградувани најдобро облечените, но за годинава сè уште нема информации кој би можел тоа да биде. Без оглед како ја толкувате оваа манифестација, ќе се согласиме сите дека „Евровизија“ е огромен шоу-биз настан.

Објавено:
21 мај 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
5.943 пати