Македонија – земја на попустите!

27 декември 2014

rasprodazba

Ние, Македонците, сме среќен народ! Во кое и време од годината да прошетате, кај нас има попусти... Што значи дека ние во секое време можеме да си купиме сè што ни се допаѓа, бидејќи цените се поволни, снижени.

Сепак, не си го купивте омиленото парче? Не се подновивте за Нова година како што посакувате? Тоа е затоа што всушност и во време на попусти не купуваме на попуст.

Првин, не е нормално да има попусти само 10 дена од пристигнувањето на новата колекција, односно да има попусти постојано... Насекаде во светот попустите се на крај на зимска и летна сезона... Тогаш, парчињата од актуелната сезона, и старите модели од минатата се наоѓаат по мошне поволни цени.  И новогодишните односно празничните попусти се во ред.

news1-NYS1-598x332

Но, кај нас многу нешта не се нормални...

Првин на „плиткиот“ паричник и цените на попуст се високи. Второ, цените се исти, некогаш дури и зголемени, но во еуфоријата никој не обврнува внимание на тоа. Налепниците се нови, но не и цените на нив. Сепак, ретко кој од нас успеава да го забележи тоа, особено бидејќи процентите, магичните бројки што завршуваат на 9, 99, 999 ден, синтагмите - „за само… денари“, „снижување“ или „тотална распродажба“ веднаш ни се впиваат во мозокот.

Продавниците нè „ловат“ на чувствителност, бројки и букви. Така, за да се „оправдаат“ пред инспекцијата, дуќаните даваат попуст само на неколку производи, иако можеби веќе сте добиле флаер, или интернет известување дека има комплетен попуст. „Лажното снижување“ е честа појава, но грешката на купувачите е што не ја пријавуваат.

Исто така, не се залажувајте со попусти од 5, 10 проценти... Ви значи ли таа „снижена“ сума воопшто нешто?

8779349_xxl

Според Законот за заштита на потрошувачите, при распродажба трговците се должни да:

- означувањата што упатуваат на распродажба, односно на намалување на цените, независно од тоа дали намалувањето е изразено во износ или процент, треба да бидат  реални и вистинити

- мора да бидат назначени и старата и новата цена (или процентот на намаление до видливата стара цена, која што може да биде и прешкртана). Старата цена мора да се употребува минимум 30 дена пред да започне распродажбата.

- трговецот мора физички да ги одвои производите што се ставени на распродажба од оние производи што не се на распродажба и јасно и на видно место да истакне натпис дека се работи за распродажба.

timthumb-650x384

Во некои држави дури и треба да се наведе периодот до кога новата цена важи.

Вистината е дека во периодите кога масовно се купува, сите сакаат да заработат повеќе, па затоа не изненадува фактот што се прават измами. Чест на исклучоците што се придржуваат до законските определби.

Разни истражувања покажале дека за време на шопингот нè водат емоциите, а не разумот. Така, резултатот од купување на попуст се исто или повеќе потрошени пари од „просечните“ денови, а кесите и не се така полни. Тоа важи за сите производи...

Затоа, добро отворете ги очите и проценете, колку што можете, што навистина ви е во корист да го купите и дали е на попуст. На крајот, попустите нема да попуштат, ќе попуштат нашите паричници.

Објавено:
27 декември 2014
Категорија: 
Актуел