Голем број познати личности од домашната јавна сцена вечерва се упатија кон  хотелот „Александар Палас“, каде што се одржа доделувањето на првите „Story“ награди.

Воедно, тоа беше и најава за тоа дека магазинот, зад кое стои „Колор медиа груп“ добива и македонско издание.

На присутните им се обрати и челното лице на компанијата, Роберт Чобан, кој го изрази своето задоволство што „Story“ добива македонско издание, а со тоа воедно сакаат да покажат дека и покрај негативниот тренд, печатените медиуми сè уште постојат и имаат моќ.

Роберт Чобан

Првиот презентер на наградите беше Натали Грубовиќ. Со оглед на тоа дека ретко можеме да ја видиме тука, беше вистинско изненадување. 

Натали Грубовиќ

- Се радувам што „Story“ ќе го читаме и на македонски јазик. Ви посакувам многу успех и драго ми е што ја имам честа да ги доделам овие неколку награди, изјави поранешната манекенка и тв лице, доделувајќи ги признанијата за „Најчитан македонски автор“ - Коста Петров, „Највлијателна личност на социјалните мрежи“ - Ина Многуфина и Модна икона - Бојан Јовановски.

На сцената ги видовме и Сашко Коцев, „Некс Тајм“, Раул Гонзалес, Наум Петрески...

Организаторите најавија дека на сите поканети им е назначено дека дрес-кодот треба да биде елегантен, па на црвениот килим видовме различна интерпретација на елеганцијата.

Од коктел фустани, преку комбинезони, до макси тоалети и впечатливи креации, секој се потруди да остави впечаток.

Меѓу нив беше и Лила Стојановска, која беше прогласена за тв личност на годината, а за изгледот довербата и овој пат ѝ ја даде на модната куќа „Елена Лука“. Таа носеше необична црна, асиметрична креација, во комбинација со транспарентна мрежа и карнери, што привлече многу погледи.

- Ние сите живееме за аплаузи  и за нашите гледачи, но секое признание како ова вечерва, значи дека сме на добар пат, дека правиме нешто добро, а притоа и обврска дека треба да бидеме уште подобри. Многу сум горда на моите соработници од „Елена Лука“ и благодарение на кои секогаш изгледам беспрекорно, па така и вечерва. Мислам дека ја имав најубавата и највпечатливата креација вечерва, а и според реакциите на луѓето кои ги добивам. Сметам дека заедно со уште неколкумина, донесовме малку гламур во Скопје -  вели Стојановска.

И Тијана беше дел од настанот и дома си замина со наградата за „Уметничка трансформација на годината“, а ја прими и наградата за „Тв серија на годината“ која ѝ беше доделена на серијата „Преспав“.

-Секако дека и ова признание многу ми значи. Со оглед на тоа дека ми беше најавено дека ќе примам друга награда, навистина се изненадив и навистина ми е драго што публиката препознава дека тоа што го работам е со љубов. А со љубов ја носам вечерва и креацијата на „Елена Лука“, кои веќе точно го знаат мојот естетски сензибилитет, така што и ова вечерва сосема соодветствува на она што сум јас, а воедно е несекојдневно и точно знаете дека доаѓа од нив - ни рече Тијана.

Меѓу гостите чиј избор исто така беше „Елена Лука“ беше и моделот Вера Мештеровиќ. Таа носеше една од најновите креации од модната куќа.

-Многу ми се допаѓа креацијата што ја носам вечерва. Ова не е прва соработка моја со „Елена Лука“ и она што јас многу го почитувам е што моделите се секогаш препознатливи, што е за пофалба. Навистина ретко кој има свој печат, а мене токму тоа ми се допаѓа кај нив. А ми се допаѓа што работите се менуваат во медиумскиот простор. Инаку, со тимот на „Колор медиа груп“ соработував за списанието „Убавина и здравје - Home“ и се појавив на насловната страна на нивното прво издание и навистина ми е драго што се појавуваат нови печатени медиуми и изданија - изјави Мештеровиќ.

Низ вечерта присутните ги водеа Јована Стојменовиќ и Горазд Цветковски, а програмата беше збогатена и со музички дел, каде публиката имаше можност да ги види и слушне „Трио џентлмен“, Влатко Лозановски, „Ај кју“...

За Story личност на годината беше прогласен Бојан Јовановски, кој призна дека оваа награда си ја посветува себеси, имајќи ја на ум сета издржливост и пожртвуваност што ја вложил во изминатите 15 години колку што е на македонската сцена.

Кој од останатите беше присутен и како изгледаше можете да видите во галеријата горе, а во продолжение погледнете ја и комплетната листа на наградени, како и дел од атмосферата:

Најчитан македонски автор - Коста Петров

Највлијателна личност на социјалните медиуми - Ина Многуфина

Модна икона - Бојан Јовановски

Спортска личност на годината - Раул Гонзалес

Легендарни дострели во македонскиот спорт - Владо Илиевски

Актер на годината - Сашко Коцев

Уметничка трансформација - Тијана Дапчевиќ

Тв серија на годината - „Преспав“

Тв личност на годината - Лила Стојановска

Хит на годината - „Ова лето ќе се памти“ во изведба на Влатко Лозановски

Најдобар видео запис - „Некст тајм“ за „Слушам кај шумат шумите“

Најпопуларно видео на „Јутјуб“ - „Терориста“ - Слаткар

Бенд на годината - „Ај кју“

Најхаризматична поп ѕвезда - Тамара Тодевска

Врвни дострели во музиката -  Наум Петрески

Личност во областа на врвно хотелиерство - Енвер Малиќи (хотел Парк)

Личност на годината во областа на бизнис инвестиции - Игор Давков (Skopje East Gate)

Компанија на годината - „Еурофарм“

Story личност на годината - Бојан Јовановски

 

Објавено:
21 март 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
12.175 пати