Македонски гламур на црвениот килим на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“

15 септември 2013

Лабина Митевска Лабина Митевска

Сите љубители на филмската уметност, како и влијателните луѓе не само од оваа област туку и од јавниот живот во Македонија, па и пошироко, продефилираа вчеравечер на црвениот килим пред Центарот за Култура во Битола, со што се означи и започнувањето на 34-тото издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, чие годинешно мото е „Пушти ја светлината“.

А токму под светлината на рефлекторите, можеа да се видат и нивните модни избори за овој, еден од највпечатливите  настани во Македонија.

Така, на црвениот килим, продефилираа речиси сите позначајни личности од филмската област од Македонија, како актерот Петар Горко со сопругата, кој воедно беше и еден од домаќините, Срѓан Јанакиевиќ, Сашко Коцев со сопругата Смилјана, Јовица Михајловски, Драган Спасов Дац со сопругата Весна, Наташа Петровиќ, Васил Зафирчев, Симона Спировска, Дениз Абдула, Игор Стојчевски, Елена Дончева, Игор Иванов Изи, режисерот на „Соба со пијано“, остварување што го отвори фестивалот, потоа  Томи Салковски, Ива Крајнц, Антонио Митриќески...

Настанот со своето присуство го збогати и претседателот Ѓорѓе Иванов кој на црвениот килим пристигна во придружба на сопругата, синот и шпанскиот кинематограф Хозе Луис Алкаин, добитникот на годинешната награда за животно дело, кој не го криеше задоволството поради добивањето на престижната „Камера 300“.

Со говорот на претседателот на Македонија, кој ја искористи приликата да ги поздрави присутните, се означи и официјалниот почеток на манифестацијата.

„Седмата уметност, која е обединувачка, е уметност која ги расветлува човековите предрасуди, стравови и илузии, но исто така и соништа и мечти. Филмската уметност го расветлува минатото, помага во разбирањето на сегашноста и ни дава проекција на иднината“, изјави претседателот Ѓорѓе Иванов.

По црвениот килим продефилира и директорката на Кинотека Македонјиа, Мими Ѓоргиевска, министерот Веле Самак, градоначалникот на Битола, Владимир Талевски со сопругата Светле и двете ќерки Марија и Александра, кои пак ги придржуваа и нивните партнери, потоа Нино Леви со сопругата,  министерката Гордана Јанкуловска со сопругот, министерката  Елизабета Канческа Милевска, водителките Ивана Кошка и Живкица Каленикова со партнерите и многу други.

Една од највпечатливите личности вчеравечер беше и директорката на Манаки, Лабина Митевска, која доби многу пофалби за организацијата на манифестацијата, која е под нејзино раководство веќе четврта година, но и за изгледот. Лабина се појави во сина креација на дизајнерката Александра Митковска, која исто така беше една од присутните.

Во продолжение погледнете ја галеријата и видете каков моден избор направија нашите познати личности и дали се навистина гламурозни за една од најпознатите  манифестации кај нас.

Објавено:
15 септември 2013
Категорија: 
Актуел