Макрон во сино на инаугурацијата на сопругот

15 мај 2017

Новоизбраниот претседател на Франција, Емануел Макрон, вчера официјално ја презема новата должност.

Неговата сопруга, Брижит пристигна пред него во Елисејската палата и секако привлече големо медиумско внимание.

Откако на клучниот изборен ден се појави во џинс, што предизвика поделени реакции (некои сметаат дека е кул, но други дека покажала непочитување), таа овој пат се појави во креација на модната куќа „Луј Витон“.

Се работи за пастелно син фустан без ракави, во комбинација со палто во војнички стил, во истата боја, украсено со метални копчиња, сè специјално дизајнирано за неа. Обувките пак се во беж нијанса, со што нејзините и онака долги нозе, изгледаат уште подолги.

На тој начин, таа овој пат не остави простор за негативни коментари кога е модата во прашање. Емануел пак, на црвениот килим пред Елисејската палата се појави во темно одело од брендот „Jonas&Cie“, кое како пренесуваат светските медиуми чини околу 450 евра.

Инаку, со оглед на тоа дека Брижит и Делфин Арно, сопругата на Бернард Арно (сопственик на групација LVMH) се блиски пријателки, одлуката да носи креација од „Луј Витон“ воопшто не е некое изненадување. Се претпоставува дека тие ќе продолжат да се грижат за нејзиниот изглед и понатаму, а имајќи предвид дека и Карл Лагерфелд одлично се познава со познатата двојка, Брижит има на кого да се потпре, иако и самата има мошне впечатлив и интересен стил.

Изборот на првата дама многумина ги потсети на Меланија Трамп, која се одлучи исто така за пастелно син костим за инаугурацијата на својот сопруг.

Дури и ќерката на Брижит се одлучи за сина, но само потемна нијанса.

Ќерката Лоренс со семејството

втората ќерка на Брижит, Тифани со партнерот

Зошто сината е чест избор?

Ако се верува на психологијата на боите, сината ги претставува небото и морето, односно отвореноста и слободата. Исто така, се вели дека означува и доверба, лојалност, искреност, мудрост, самодоверба, стабилност, судбина, интелигенција.

 

Објавено:
15 мај 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.328 пати