Меланија и утката со чевлите

30 август 2017

Доколку денеска ги отворивте социјалните мрежи или светските медиуми, тогаш веќе знаете дека приказна број еден е онаа за Меланија, нејзините чевли и поплавите во Тексас.

фото извор: nytimes.com

Имено, граѓаните на Тексас деновиве се соочуваат со вистински хорор, по катастрофалните поплави. По тој повод Доналд Трамп и Меланија тргнаа во посета на поплавените места. И сè ќе беше во ред првата дама на САД да не се појавеше во високи потпетици и очила за сонце, избор што многумина ги инспирираше да се пошегуваат, но има и такви што сериозно се налутија.

„Помошта е на пат Тексас. Не грижете се, Меланија ги носи своите шпицести потпетици специјално за олујата“, „Требаше некој да ѝ каже на Меланија дека потпетиците треба да ѝ бидат малку повисоки за поплавата“, „Одлична идеја... Со вашите потпетици можете да собирате отпадоци“, „Меланија, не е недела на модата во Милано“, „Меланија изгледа како Барби која помага во поплавите. Девојки, Лубутанките не се отпорни на вода“, „Меланија мисли дека е во Топ Ган“, се само дел од коментарите на социјалните мрежи.

фото извор: nytimes.com

Фотографката Џенер Тромас е една од тие што не можеа да ја сокријат лутината:

„Досега сум фотографирала и сум доживеала повеќе урагани и ужасно сум бесна. Ова не е фото-сесија, тука луѓето се борат за живот“, напиша таа.

Доналд пак, се појави во бела кошула со ветровка одозгора и квалитетни чевли, кои според коментарите, изгледаат како да не пропуштаат вода.

Дали поради критиките или успеала да ја увиди грешката сама, Меланија на патот до Тексас се пресоблече. После високите потпетици, на аеродромот во Тексас се појави во патики, а јакната ја замени со бела кошула, која ја искомбинира со црни панталони и капа на која стои кратенката за прва дама на САД – FLOTUS.

фото извор:washingtonpost.com

После лавината коментари се огласи и ПР службата на госпоѓата Трамп.

- Тажно е што во овој момент имаме природна катастрофа во Тексас, а луѓето се грижат за нејзините чевли - изјави за „Фокс Њуз“ шефот на ПР одделението на првата дама, Стефани Гришам.

„Вашингтон пост“ пак направи анализа на нејзиниот стил, што привлече еднакво внимание, а дел ви пренесуваме во продолжение:

фото извор: footwearnews.com

„Трамп е жена што знае дека кога ќе излезе од Белата куќа ќе има фотографи и се облекува соодветно на тоа. Така и ова вторничко утро, кога облече стилето чевли, со црни панталони и пилотска бомбер јакна. Нејзината коса паѓаше и нежно се разлетуваше на ветерот, а стави и очила за сонце, иако беше облачно, дождливо и ветровито во исто време. Изгледа одлично, а стајлингот е полн со спротивности. Носи работничка машка јакна, но со секси чевли. Панталоните и блузата се црни - униформирани. Големите очила за сонце се Холивуд. Како од моден магазин, нешто што често се споменува до нејзиното име. Таа ја разбира модата. И ги знае нејзините агли. Но, оваа слика исто така прикажува жена која одбива да се преправа дека нејзините нозе, во некој момент, ќе бидат во контакт со калта, или тлото полно со бактерии. Таа е оној тип на жена што може да слуша емпатично за вашата болка, но знае дека дека нема да ја искуси. Тогаш зошто да се преправа?“ се вели во текстот.

фото извор:people.com

Но, има и друга страна на приказната.

„Сепак, некогаш преправањето е сè. Ја претставува причината зошто првата дама оди во Тексас - треба да симболизира грижа и пријателство. Да ги потсети луѓето дека владата се грижи за секоја индивидуа, дека Вашингтон ги слуша граѓаните. Затоа се тие слики, имиџ, појава и впечатоци. Појавата секогаш повеќе се коментира во однос на првата дама. Со оглед на тоа дека таа ретко кога зборува во јавност, дава до знаење дека нејзиното време во Белата куќа го посветува најмногу на синот. Затоа, секој пат кога ќе излезе во јавност или кога тивко чекори покрај својот сопруг, сликата станува тивка (или гласна) експресија на намерата или само-свесноста на првата дама. Тие фотографии се нејзиното наследство. А на патот кон Тексас таа понуди моден момент, наместо момент и експресија на сочувство. Сите се фатија за нејзините чевли. Таа е фан на „Лубутан“ и „Маноло“. Чевлите што ги носи не се моќни, секси се. А со тоа што тргнала со нив во Тексас имплицира на тоа дека катастрофата на луѓето ќе ја гледа од дистанца, од високо, не одблиску. Имплицира на тоа дека личните приказни на луѓето ќе бидат разгледани откако ќе се исуши и исчисти. Немаше наговестување дека Трамп ќе биде во рамно, блиску до луѓето, слушајќи ги искрените исповеди и нивната вистина.

фото извор:washingtonpost.com

Но, додека да слетаат во Тексас, таа се пресоблече. Сè уште носи црни панталони, но овој пат со бела кошула и патики. И очилата повторно се тука, а косата е собрана во опавче. Но, носи и капа на која има кратенка - FLOTUS. Со тоа повторно се издвојува од толпата и повторно потенцира дека не е како вас/нас. Таа е прва дама. Едноставноста на стајлингот беше во синхронизација со изгледот на претседателот. Затоа, шансата да покаже наратив на грижа и сочувство е промашена. Ова беше само уште еден костим за уште еден моден момент“, завршува текстот.

фото извор:washingotnegzaminer.com

фото извор:globalnews.com

Колку и дали ова ќе биде лекција за Меланија и нејзиниот тим, останува да видиме до наредното модно, односно јавно појавување.

Објавено:
30 август 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
8.480 пати