Меланија Трамп се појави во музејот „Смитсонијан“ во креација на „Долче и Габана“

21 октомври 2017

Музејот „Смитсонијан“ во Вашингтон создаде традиција, фустаните на првите дами од инаугурацијата да бидат изложени токму таму.

Просторот на музејот веќе го красат фустаните на Ненси Реган, Џеки Кенеди, Хилари Клинтон, Мишел Обама. За последната беше направена и отстапка, па во оваа колекција е додаден и црвениот фустан од втората инаугурација на Обама, што дотогаш никогаш не се направило.

Од вчера, колекцијата е збогатена и со оној што Меланија Трамп го носеше, а е дело на дизајнерот Ерв Пјер.

Меланија вчера се појави во „Смитсонијан“ во пастелна комбинација – фустан без ракави од „Долче и Габана“, во комбинација со впечатливи розови салонки и широко палто во нијанса на лаванда, кое го носеше „наметнато“ на рамениците.

Речиси секогаш беспрекорно стилизираната дама, ја искористи приликата да ја раскаже случката како е создадена креацијата. Исто така, на сцената го повика и дизајнерот, кој не го криеше задоволството што токму него му се укажа оваа шанса.

„Како што повеќето од вас знаат, пред мојот сопруг да биде избран за претседател, тој никогаш не се занимаваше со политика. Па, можете да замислите по победата, колку многу бевме ангажирани околу подготовките на новата администрација и сите промени со кои како семејство треба да се соочиме. Да бидам искрена, што ќе носам на инаугурацискиот бал беше последното нешто на што мислев, а доказ за тоа е што кутриот Ерв имаше само две недели да го искреира и создаде ова уникатно парче“, рече првата дама, а пренесува „Вашингтон пост“.

Тие двајца никогаш претходно не соработувале заедно, но Трамп посочи дека сепак знаела за неговата добра репутација.

„Таа сакаше да работи со некој што ќе направи нешто повеќе од само дизајн на фустан. Сакаше некој со кој ќе може да соработува во вистинска смисла на зборот“, посочи дизајнерот.

Во тоа време, Меланија беше бојкотирана од повеќето дизајнери, кои своето незадоволство од политиката на Трамп го изразија токму на тој начин. Други пак, рекоа дека облекувањето на првата дама е патриотска должност која со задоволство би ја направиле.

Сепак, Меланија одлучи да работи со Пјер.

„Мојата страст за модата е уште од рана возраст и имав точна идеја за тоа што сакам да носам таа историска вечер. Сакав нешто модерно, мазно, лесно, уникатно и неочекувано. Кога е овој момент во прашање, не се работи само за тоа да најдете убави чевли и фустан, туку да создадете едно наследство за жената што ќе го носи“, вели поранешниот модел.

И токму тоа и го доби.

„Фустанот немаше некаква скриена симболика. Не ги гледав фустаните на претходните први дами. Тоа беше нешто сосема ново и никогаш претходно создадено“, вели дизајнерот кој се образувал во Франција, а вештините ги стекнал работејќи за „Диор“, „Балман“, „Оскар де ла Рента“, „Каролина Херера“.

Инаку, деновиве првата дама е актуелна и поради најновата теорија на заговор според која, Меланија веќе извесно време не е повеќе со Доналд Трамп, а за јавните појавувања има двојничка.

На социјалните мрежи се појавија и споредбени фотографии, некои се насмеаја, некои поверуваа, а никој од семејството Трамп сè уште не се огласи по овој повод.

Објавено:
21 октомври 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.379 пати