Првиот понеделник во мај секогаш е резервиран за најимпозантниот настан во модната индустрија, престижната Мет Гала во организација на Првата дама на модниот свет, Ана Винтур, што се одржа вчеравечер на традиционалната локација, Метрополитен музејот во Њујорк.

Годинешнава тема, која инаку важи за една од најконтроверзните до сега, во својот фокус го стави дијалогот помеѓу модата и уметноста во религијата, конципирани под темата „Heavenly Bodies: Fashion and the Catholic Imagination" (Небесни тела: Модата и Католичката имагинација).

Елитата во модниот свет се најде на крстопатот меѓу модата и религијата, предизвик на кој одговори со фасцинантни, врвно дизајнирани костими на ниво на уникатни уметнички дела, во чиј дизајн се имплементирани мотиви од католицизмот, а ги носеа познатите на црвениот килим.

Ријана во Мезон Марџела

Ријана... Приказна сама за себе и секогаш една од највпечатливите, со статус – Кралица на Мет Галата. Годинава, поп ѕвездата заедно со Амал Клуни и Донатела Версаче, покрај Винтур беа домаќинки на галата. Тоа беше само повод плус од Ријана да не се очекува ништо помалку освен да биде „Папа" на настанот. Секако и беше...

Нејзиниот костим, инаку уметничко дело на Мезон Марџела, инспириран од ватиканскиот папа, целосно беше „покриен" со рачно везени бисери, а вклучува мини здолниште и импозантна наметка. Ријана, повторно стави печат на вечерта, а денеска таа е главна тема во медиумите.

Но, и генералната слика на црвениот килим не е помалку воодушевувачка. Според првите коментари во модните кругови, ова е едно од најграндиозните изданија на Мет гала до сега, со сериозна конкуренција на црвениот килим.

Амал Клуни, која заедно со нејзиниот сопруг Џорџ секогаш се на врвот на листата на гости, одбра комбинација на панталони со волуменозно здолниште и корсет, дело на британскиот дизајнер Ричард Квин. Третата домаќинка на галата, живата легенда Донатела Версаче носеше варијанта на макси врз мини здолниште декорирани со богати везови.

Амал и Џорџ Клуни

Концептот на вечерта секогаш вклучува исклучително шоу со перформанс на грандиозни музички артисти, а вчеравечер изненадување на галата беше иконата Мадона, која својот перформанс го отвори со „Like a Prayer".

Мадона во Жан Пол Готје

За потсетување, изложбата е еден од клучните сегменти на настанот, а во рамките на годинешнава ќе бидат изложени 180 парчиња од дизајнери кои твореле инспирирани токму од посочената тема, од Версаче, преку Долче и Габана, до Валентино, Баленсијага, Шанел...

Во фото галеријата ви пренесуваме каков беше амбиентот на црвениот килим.

 

 

Објавено:
8 мај 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.894 пати