Мила Кунис: Бизарно е како сите изгледаат исто!

15 ноември 2017

Едноличноста во Холивуд, но и во глобални рамки, станува сериозна закана за личниот идентитет.

Претопувањето во она што е општо прифатено, на ниво на некаков стандард, како феномен постоело секогаш, но со мас медиумите, Фотошоп и особено со појавата на социјалните медиуми што несомнено имаат големо влијание, состојбата станува загрижувачка.

Впрочем токму тоа е и суштината на интервјуто кое Мила Кунис го даде за „The Talks" во 2011 година, но сѐ уште гласно се цитира токму поради моќната порака што ја испраќа, а се однесува на тоа како станува бизарно тоа што веќе сите наликуваат еден на друг.

Фото извор: memeolicious.com

„Многу е тажно, бидејќи тоа е нашата реалност. Сите личат еден на друг, бизарно е колку многу жени во денешницата имаат исти фацијални карактеристики. Ако една влијателна личност ја обои косата во одредена боја, сите го копираат тоа. Се губат себеси", вели актерката во разговорот.

Мила во интервјуто кажува свое видување и за причините што доведуваат до таков општо прифатлив изглед.

„Сигурно насловните страни на магазините, каде гледаме перфектни, убави луѓе, имаат свое влијание. Но, поентата е дека не постои перфекција, тие користат Фотошоп. Тоа што за мене е убаво, можеби за некој друг не е, но тоа не значи дека јас сум во право, а тој не, туку едноставно се работи за различно мислење и различен вкус", резимира актерката.

Медиумите одамна го увидоа проблемот што добива епидемиолошки размери, за кој и самите имаат добар дел од вината. Сега она што може да го забележиме, е дека бараат соодветна „формула" како да го „решат", па се фокусирани на тема различност. Така на пример во Франција веќе се донесе законот за ограничено користење фотошоп на јавно објавени фотографии, а во модната индустрија пак се почесто се ангажираат модели што во некој сегмент отскокнуваат од стандардите.

Објавено:
15 ноември 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
4.321 пати
Тагови: 
Мила Кунис