МНТ слави 70 години со билети по симболична цена од 100 денари

1 април 2015

Овој петок (3 април) Македонскиот народен театар ја започнува прославата на 70 години од постоењето со многубројни случувања што денеска на прес конференција ги најави директорот Дејан Лилиќ.

Официјалниот дел ќе започне со прослава и интересен перформанс во фоајето на МНТ, по што вечерта на 3 април со почеток во 20 часот сите љубители на театарот ќе имаат можност да ја погледнат претставата „Вечната куќа“.

Веќе на четврти април ќе се случи и јавното читање на драмскиот текст „Утерус“, по што на истиот ден во 20 часот ќе гостува Народниот театар од Битола со претставата „Каренина“.

На петти април во МНТ ќе гостува театарот Комедија со претставата „Лисистрата“, а на шести ќе имате можност да ја погледнете „Лулка“ со актерите од Народниот театар Штип.

„Овој јубилеј сакаме да и го посветиме на нашата публика, на народот, затоа што сепак ние сме народна установа. Сакаме јубилејот и претставите да им ги посветиме на вработените, и на медиумите, односно на сите оние кои на било каков начин придонеле во создавањето на историјата на МНТ. Сакаме тоа да биде еден вид благодарност кон сите нив“, изјави денеска директорот Дејан Лилиќ.

Тој појасни дека првиот дел на прославата ќе се случува од 3 – ти до 9 – ти април, по што по празниците, следува премиерата на режисерското деби на актерот Јордан Симонов со наслов „Тероризам“.

Веднаш после Велигден, како дел од прославата на 70 години МНТ, театарот со „Вечната куќа“ ќе гостува во Будимпешта, а веќе од месец мај, почнува и вториот по ред Интернационален фестивал МНТ фест во чии рамки ќе гостуваат големи режисерски имиња со интересни претстави.

Дејан Пројковски Дејан Пројковски

Она што беше особено интересно, а на денешната прес конференција го најави Дејан Пројковски, е гостувањето на актерите од МНТ со перформанси и претстави надвор од нивната матична куќа, односно во Домот за стари лица, Домот за деца 11 октомври и СОС Детското село на втори и трети април.

Доколку сѐ уште не набавивте билети по симболична цена од 100 денари за претставите што ќе се играат во првиот дел од прославата, сега е вистинско време за тоа!

Среќен 70 – ти роденден МНТ!

Објавено:
1 април 2015
Категорија: 
Актуел