Модниот свет е за Хилари Клинтон

24 февруари 2016

За ревијата на Марк Џејкобс, одржана неодамна во рамки на модната недела во Њујорк, се збореше многу – не само поради фактот што Лејди Гага се појави во улога на модел, туку и поради јавната поддршка на модните инсајдери за Хилари Клинтон на претседателските избори во САД.

Од Ана Винтур до Ким Кардашијан, голем број познати личности ја искажаа својата наклоност кон кандидатката за претседател на САД и тоа носејќи маици со нејзиниот лик.

Инаку, маиците се креација на Марк Џејкобс, Тори Бурч и Максвел Озборн со Дао Ји Чоу (креативен директор на Public School и DNKY), а тоа е почеток на проектот наречен Made for History, па понатаму се очекуваат и други соработки во оваа насока.

Лив Тајлер

-Мојата одлука да ја поддржам Хилари е поради нашето заедничко убедување и став за еднаквост – вели Џејкобс, кој веќе втор пат соработува со неа. Нивната прва соработка беше во 2004 година, кога тој исто така ги дизајнираше маиците за нејзината кампања за во Сенатот.

Цената на маицата изнесува 45 долари, а може да се купи на веб сајтот на Клинтон.

-Горд сум на овие маици како шампион за еднакви права, за прогресот што го направивме и за надежта дека тој напредок ќе продолжи со Хилари како претседател  - додава дизајнерот.

Својот став го споделија и дизајнерите Озборн и Чоу од Public School:

-Хилари Клинтон како претседател ќе одбележи ново поглавје во приказната на Америка, поглавјето за еднаквоста на жените. Промените не се случуваат со тоа што ќе ги одржуваме работите исти. Вистинската промена доаѓа од храброст, од тоа да си поинаков. Имаме долг пат пред нас.

Дел од оние што ја искажаа својата поддршка за Хилари се и Елен Деџенерис, Ким Кардашијан, Кендал Џенер, Лив Тајлер, Лена Данам, Кејти Пери...

Кендал Џенер

Инаку, продукциската компанија на Кејти Пери (Kitty Purry Inc.) е задолжена за дел од активностите во кампањата на Хилари. Во декември месец ѝ биле исплатени 70.000 долари за еден вечерен настан. Истата компанија била задолжена за кампањата на Обама и во 2012 година, кога за дел од активностите биле исплатени 128.000 долари.

маникирот на Кејти Пери

Објавено:
24 февруари 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
523 пати